Што сè може една храбра жена: Го преминала Атлантикот веслајќи сама и го соборила светскиот рекорд

Кармин

22/02/2021

13:04

1.352

Големина на фонт

а а а

21-годишната Британка Џасмин Харисон стана најмладата жена која самостојно веслала преку Атлантскиот океан откако за 70 дена поминала пат од Шпанија до Антигва (4800 километри).

Харисон во саботата го завршила својот предизвик за кој ѝ биле потребни 70 дена, 3 часа и 48 минути - што е нов светски рекорд за најмлада жена која самостојно веслала преку било кој океан.

Џасмин Харисон која е учителка по пливање од северен Јоркшир, има само 21 година. Оваа девојка работи и хонорарно како бармен. Своето патување го започнала во декември 2020 година - тргнала од Ла Гомера на Канарските острови, а ѝ биле потребни 70 дена да стигне до Антигва. Во текот на патувањето, нејзиниот чамец се превртел 2 пати, а го повредила и лактот.

Нејзиното пристигнување на Карибите било дочекано со фанфари, а на Фејсбук е објавено видео од неа како ја преминува целната линија. Додека пристигнувала до целта, Харисон се исправила во својот чамец и запалила факел додека влегувала во заливот.

„Искуството е сето она што го посакував, а во текот на патувањето најмногу ми недостасуваше храна“, нагласила Џасмин.

Истакнала дека патувањето од 3000 милји (4800 километри) е сочинето од „добри и лоши спомени“ и дека ја ценела можноста за бегство од нормалниот живот.

„Не постои ништо слично кога се бега од сè - социјални мрежи, лоши вести, буквално од сè“, вели 21-годишната девојка.

Досега најмладата жена веслач која го преминала Атлантикот беше 22-годишната Кети Спотс од САД, која го превесла Атлантскиот океан во период од 3 јануари до 14 март 2010 година.

„Сакам да ги инспирирам младите луѓе да излезат и да направат нешто, без разлика дали тоа ќе го смени светот или е само напуштање на зоната на удобност“, напишала Харисон во изјава на својата веб-страница.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk