Маж во инвалидска количка се искачил на 250 метри висок облакодер, а мотивот воодушеви многумина

Точка

21/01/2021

17:22

2.545

Големина на фонт

а а а

Лаи Чи-ваи од Хонгконг успеал во инвалидска количка да се искачи на солитер висок 250 метри, а мотив за тоа било собирање пари за лицата кои патат од болести на ‘рбетниот мозок.

37-годишниот Лаи пред 10 години останал парализиран до појасот поради сообраќајна несреќа. Му биле потребни 9 часа да достигне висина малку поголема од 250 метри, но не успеал да дојде до самиот врв на 300 метри високата кула „Нина“. 

„Бев прилично уплашен. Додека се качував по планини, тогаш можев да се ослонувам на карпи и да користам дупки, но ова со кулата ми даде простор да се ослонам само на јажето на кое висам“, изјавил Кинезот.

Благодарение на ваквата иницијатива, биле собрани нешто повеќе од 670.000 долари.

Лаи пред 2011 година, 4 пати бил прогласен за азиски првак во категоријата „качување по карпи“ и во еден момент го зазел 8-то место на светот. По несреќата, продолжил да се качува прицврстувајќи ја својата инвалидска количка на систем со влечење. Пред 5 години се искачил на 495 метри висока планина.

Иако не стигнал до врвот на облакодерот поради безбедносни причини, Лаи се надева дека испратил вистинска порака.

„Некои луѓе не ги разбираат потешкотиите на лицата со инвалидитет, некои мислат дека сме секогаш слаби, дека нѝ треба помош и сожалување. Но, сакам да им порачам на сите – не мора да биде така. Лицата со инвалидитет исто така создаваат прилики, надеж, светло и на нив не мора да се гледа како на слаба личност“, заклучил тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг