Која е Аманда Горман, 23-годишната девојка која го освои светот на инаугурацијата на Бајден?

Кармин

21/01/2021

13:49

3.176

Големина на фонт

а а а

23-годишната Аманда Горман стана најмладата поетеса која некогаш настапила на инаугурација на некој претседател во американската историја.

„Кога ќе дојде денот, ќе се прашаме каде можеме да најдеме светло во оваа бескрајна сенка“, се стиховите со кои започнала нејзината 5-минутна рецитација. 

Од тој момент стана ѕвезда на вечерта, а на социјалните мрежи во краток рок собра „армија“ од фанови кои не можат да престанат да се воодушевуваат на нејзината работа.

„Аманда Горман е неверојатна. Каков талент“, напишал еден корисник на Твитер.

„Во својата песна не сакав на ниту еден начин да го прикријам она што имавме прилика да го видиме во изминатите неколку недели и во последните неколку години. Но, она кон кое всушност тежнеам во песната е со зборови да пронајдам начин на кој нашата земја сè уште може да биде единствена и да се излекува“, изјавила девојката во интервју за „New York Times“.

Во разговор за „CBS News“ открила дека инспирација пронашла во говорите на Абрахам Линколн и Мартин Лутер Кинг. Не добила насоки што точно треба да напише, но знаела дека темата била „Обединета Америка“. Пред 2 недели имала напишано само половина од поемата и одеднаш ја фатило паника. Потоа се случи нападот на зградата на Конгресот на 6 јануари и додека ги гледала тие неверојатни сцени, инспирацијата ѝ се вратила и за една ноќ успеала да ја заврши песната.


Горман се заљубила во поезијата уште во раното детство и брзо се издвоила како талент во подем. Пораснала во Лос Анџелес каде нејзината мајка работела како професорка, а на 16 години била прогласена за млада поетеса на градот Лос Анџелес.

Неколку години подоцна, додека студирала социологија на Харвард, понела признание за национална млада поетеса како прва личност на тоа место. Студирала социологија, а првата книга „The One for Whom Food Is Not Enough“ ја објавила во 2015 година.


Со настапот на инаугурацијата на Џо Бајден, Аманда тргнала по стапките на Маја Анџелоу, Ричард Бланк и Роберт Фрост, поети кои настапиле на претходните претседателски инаугурации, пишува „BBC“.

Во годината која започна со голем чекор – појавување на претседателската инаугурација, Горман се спрема преку својата работа да допре до значително поголема публика.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk