Бразилска министерка: Робињо веднаш треба да оди зад решетки

Дерби

20/10/2020

14:26

2.329

Големина на фонт

а а а

Спортската јавност речиси и го подзаборави Робињо во изминатите неколку години, се до моментот од пред 10-тина дена кога Сантош сосема изненадувачки одлучи да го ангажира фудбалерот кој се разви во врвен напаѓач токму во овој клуб.

Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Манчестер Сити и Милан сепак малку се радуваше на кам-бекот во Сантош, бидејќи само седум дена по официјализирањето на трансферот, клубот беше приморан да го поништи договорот и да ја прекине соработката. Во официјалното објаснување на Сантош, беше нагласено дека станува збор за спогодбен раскин на договорот со цели фудбалерот да се насочи кон судењето кое го има во Италија, рочиште во кое славниот фудбалер се гони за силување на Албанка во Милано во 2013-та година.

Ваквото појаснување на клубот сепак не беше најобјективно, бидејќи реалноста вели дека Сантош потклекна по големиот притисок кој го направи јавноста, која на големо го осуди ангажманот на Робињо во ситуација кога тој нема докажано дека е невин за делото за кое првично е осуден на девет години затвор. Оваа одлука се уште не е правосилна бидејќи Бразилецот има доставено жалба, но во меѓувреме се појавија аудио снимки кои дефинитивно не му одат во прилог на фудбалерот, а кои сега ги искоментира и министерката за жената, семејството и човековите права во Бразил, Дамарес Алвеш.

– Робињо треба веднаш да заврши во затвор, не треба да додадам ништо повеќе. Се уште се води спорот, но објавените аудио записи ни го претставија во најлошо светло. Само затвор е решение за такви како него. Ниту еден силувач не смее да добива аплаузи, особено не на фудбалски терен.

– Како може да му текне да се врати на теренот и да глуми херој? Го поздравувам потегот на Сантош кој му го раскина договорот, – вели Дамарес која смета дека Робињо веднаш треба да заврши зад решетки, без оглед на тоа дали станува збор за затвор во Италија или Бразил.



Спонзорирани линкови

Маркетинг