Јованка Житарова: „Имав други приоритети во животот, но после 10 години повторно се враќам на сцената“

Кармин

09/10/2020

15:00

11.259

Големина на фонт

а а а

Јованка Житарова - Јова е новиот член на големото семејство „Промостејџ“. Имено, Јова по 10-годишна пауза од музиката повторно се враќа на сцената, но овој пат во поп светот. Таа неодамна ја промовираше својата прва поп песна „Биди сама своја среќа“, во соработка со Роберт Билбилов, а за текстот се погрижи Ксенија Николова. Запознајте ја Јова одблизу преку нашиот краток разговор со неа.

Пред повеќе од две седмици и официјално ѝ ја претставите на јавноста Вашата нова песна и видео запис, темата „Биди сама своја среќа“. Веројатно веќе имате собрано впечатоци и импресии, па колку сте задоволни како истата ја прифати публиката, иако е релативно рано, дали засега ги исполни Вашите очекувања и го добивте планираниот фидбек?

За планираниот фидбек сè уште е рано да се зборува, колку е добра песната ќе каже публиката. Но, јас сум задоволна од она што го сработивме со Роберт Билбилов. Засега реакциите се позитивни, гледам по тоа што ми пишуваат на социјалните мрежи, а и од она колку е слушана на Јутјуб. Значи, за почеток е супер, е сега ќе видиме како ќе оди понатаму.

После пауза од 10 години дојде „Биди сама своја среќа“. Ви недостасуваше ли музиката сите овие години?

Да, многу. Музиката е моја прва љубов и никогаш не сум ја заборавила. Но, паузата од 10 години значеше дека во тој момент имав други приоритети во животот, пред сè мајчинството.

Станува збор за еден малку поинаков стил, претходно пеевте народни стари македонски песни, сега пробувате да запливате во поп водите. Зошто ваква промена?

За мене музиката нема граница. Решив да пробам во поп водите, бидејки покрај фолкот овој стил исто така многу го сакам. А фолкот, особено старата македонска песна е дел од нашите корени, нашата традиција и никогаш нема да ја заборавам или оставам. Сега, само малку приоритетите се насочени на поинаков стил, кој исто така го сакам и сметам дека можам да дадам многу.


Текстот на „Биди сама своја среќа“ го напиша Ксенија Николова, а носи посебна порака наменета за сите жени. Колку има автобиографски елементи во неа?

Секако дека има. Ова е порака до сите жени, дека може да се среќни и сами. Дека сè во животот прво зависи од личната среќа.

Тешко ли е после 10 години да се вратиш на исто место и да почнеш пак сè одново?

Да, тешко е, не во однос на пеењето туку во однос на навиката, да размислуваш како уметник. Јас ова време играв една друга животна улога, но полека полека се враќам на старите обврски, денот да ти биде исполен со правење сè во чест на музиката.


Вие сте и музички образована, имате и средно музичко, но имате и дипломирано на Музичката академија во Скопје. Отсекогаш знаевте дека музиката е она што сакате да го работите, дали таа беше и остана Ваша прва и најголема љубов?

Да, како што кажав. Музиката е мојата прва љубов и тоа трае и ќе трае без оглед дали одреден период во животот сум имала други приоритети. Таа преголема љубов кон музиката ме натера целото мое образование да ѝ го посветам неа и таа да биде моја животна преокупација и професија.

Што ново да очекуваме, дали можеби веќе работите на нови песни, албум..?

Албум сè уште не пранирам, но нови песни секако. Прво да видиме како ќе помине „Биди сама своја среќа“, да ѝ дадам простор на публиката за оваа, а потоа секако ќе има и нова. Размислувам, но сè уште не сум одлучила кога и која ќе биде втората.


Настрана музиката, што Ве прави среќна, како изгледа еден Ваш слободен ден, наоѓате ли време за себе?

Намногу ме прават среќна моите дечиња Зои и Картер. Тие ми го преокупираат целото време. Но, секако дека имам време и за себе. Мојот слободен ден значи прошетка со децата, иако цело лето тоа го правевме во Охрид. Уживавме, се дружевме, се шетавме.

За крај, што ќе им порачате на сите читатели на Точка, која е Вашата девиза за насмевка и позитива?

Ќе им порачам секое утро да им почне со насмевка, па ако по утрото се познава денот, ќе значи дека цел ден ќе им помине така. Ова не е само фраза, туку јас навистина се трудам, и покрај сè, денот да го почувам со насмевка. Секако, животот е таков, некогаш и не ти е до смеење, ама јас се трудам таквите денови да се помалку. Поинаку е кога ќе си насмеан. Убаво се чувствуваш а и со розови очила гледаш сè околу тебе. 


Фото: Бојан Стоилковски


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk