Поради подоцнежните настапи во Европа до вториот дел на месец август, Интер беше ослободен во првото коло во италијанската Серија А, па затоа сезоната за Антонио Конте и неговите играчи ќе стартува овој викенд.
Интер на домашен терен ќе ја пречека Фиорентина утревечер и со тоа ќе биде означен почеток на новата сезона за „нераѕурите“, кои со оглед на засилувњата кои ги добија во изминатиот период, ќе имаат дополнителен притисок на теренот поради тоа што сега маргините за неуспех се се помали.
Конте знае дека оваа сезона ќе биде уште потешка од онаа првата, во која Интер заврши втор на табелата во Серија А и загуби во големото финале во Лига Европа. По истото, се доби впечаток дека Конте ќе си замине од тимот откако испрати „отровни стрели“ кон управата, но потоа се смири работата и успеа да доведе играчи по свој вкус.
– Нема да кажам дека имаше големи недоразбирања, имаше различни гледишта и споредби. Имавме различни погледи, но како во секое семејство кое добро функционира, секој треба да ги искаже своите причини, без оглед на тоа дали се добри или лоши.
– Секогаш имаше искрени и лојани споредби со одговорните луѓе во клубот, па од моја страна, имаше позитивна волја за продолжување на она што најдобро го правам, а тоа е работата со играчите. Подготвени сме за новата сезона, знаејќи дека ќе биде многу потешка од првата, но подготвени сме за предизвикот, – изјави Конте.