Во Европа има сѐ повеќе кокаин, дрогата е поквалитетна и лесно се доаѓа до неа

Макфакс

22/09/2020

15:09

740

Големина на фонт

а а а

Кокаинот никогаш не бил толку лесно достапен во Европа како во последниве неколку години, предупредува Европскиот центар за мониторинг на наркотици и зависности од дроги (EMCDDA), истакнувајќи дека во 2018 година е забележан рекорден број на запленети пратки на кокаин и дека кокаинот сè помалку се меша со други супстанци, иако цената останува стабилна.

„Индикаторите покажуваат дека достапноста на кокаин во Европа е на ниво невидено досега“, предупредува европската агенција во својот годишен извештај, објавен денеска, а кој се базира на податоци од 2018 година, што се најновите кои се обработени.

Запленети се рекордни речиси 181 тон кокаин, што е 40 тони повеќе отколку во 2017, година која исто така била рекордна во однос на оваа точка. Бројот на заплени е исто така рекорден со 110.000 случаи.

Во исто време, чистината на дрогата расте веќе десетина години наназад, додека нејзината малопродажна цена останува стабилна.

Кокаин во 2018 година користеле 4,3 милиони Европејци и е втора најпопуларна дрога во Европа, по канабисот.

Се произведува од лисја на кока, главно во Колумбија, Боливија и Перу.

Агенцијата предупредува дека кокаинот игра сè поголема улога во проблемите поврзани со дрога во Европа, односно со зголемување на насилството.

Од друга страна, криминалните групи ја менуваат својата тактика: запленетите лисја од кока сугерираат дека во Европа има и лаборатории за производство на кокаин.

Во услови на глобална пандемија, потрошувачите и препродавачите се сè повеќе свртени кон црниот онлајн пазар и платформите за социјално вмрежување, како и услугите за достава на наркотици до дома.




Спонзорирани линкови

Маркетинг