Израелското министерство за одбрана денес соопшти дека е успешно тестиран унапредениот систем за одбрана од балистички ракети со долг домет.
Министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц изјави дека успешното тестирање на "Arrow 2" е дел од технолошките напори на Израел да обезбеди еврејската земја секогаш да биде „еден чекор пред непријателот“.
"Arrow 2" е напреден против-воздушен (ПВО) систем со кој Израел ќе се брани од воздушни напади, односно од ракети со краток и среден домет кои најчесто се лансираат од Појасот Газа и Либан. Овој ПВО систем исто така ќе може да ги уништи и иранските ракети со долг домет.
Овој систем го вклучува и "Arrow 3" - систем кој е способен да уништи закана која доаѓа од атмосферата. Системот е развиен од страна на израелската аеро-вселенска индустрија во соработка со американскиот гигант "Boeing" и стана оперативен во 2017-та година.
Израелските повеќеслојни против-воздушни системи се дизајнирани да делуваат во потенцијална идна војна во која, според безбедносните проценки, Израел би бил на мета на масивен ракетен напад на целата територија.