Адеми предлага децата да одат на училиште, се разгледуваат три модели за настава

Макфакс

12/08/2020

14:41

1.100

Големина на фонт

а а а

Комисијата за заразни болести размислува, а пак Министерството за образование и наука се противи наставата во новата учебна година да се спроведува онлајн.

Министерот Арбер Адеми, вели дека онлајн настава ќе има само доколку министерството биде принудено да се определи за ваков начин на спроведување на образовниот процес.

Тој посочи дека засега се разгледуваат три модели за настава, од кои, во текот на наредните денови ќе треба да се одреди кој ќе се спроведе.

„На состанокот на Комисијата за заразни болести е дискутирано за одвивањето на наставата во новата учебна година. Разгледани се моделите за организирање на наставата и аргументите за секој модел, заедно со предностите и ризиците од секој модел. Конечна одлука, односно, заклучок нема ниту во Комисијата за заразни болести. Ќе продолжат консултациите. За ова прашање разговаравме и на седница на Владата. Имавме широка работна група, првиот модел е организирање и реализирање на наставата со физичко присуство, второ е далечинско учење и третиот модел е комбиниран модел. Во МОН преовладува мислење дека треба да се организира настава со физичко присуство, но секогаш имајќи ги предвид епидемиолошката состојба и условите во училиштата. Тоа значи дека секаде каде ни дозволува епидемиолошката состојба со физичко присуство и каде има услови да се организира наставата со физичко присуство, а имајќи ги предвид протоколите кои сме ги подготвиле, тогаш треба да се организира наставата на таков начин“, рече Адеми.

Сепак, според него, одлуката ќе се донесе според епидемиолошката состојба во земјата.

„Нашиот став е јасен, нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но сепак треба да водиме сметка за здравјето на учениците и да водиме сметка за епидемиолошката состојба. Наставата со физичко присуство би се одржала со конкретни мерки и упатства за безбедна настава. Во училиштата каде се пребукирани, таму треба да има дел онлајн настава, а дел со физичко присуство. Тоа значи дека ќе се поделат училниците со помал број ученици, една група би следела настава со физичко присуство, а во исто време другата група преку средства за електронска комуникација би ја следеле наставата во реален час, а доколку не можат лекциите би се поделиле од националната платформа, каде се обработени темите и содржините. Исто така, ако би се одлучиле наставата да се одржи со физичко присуство, а имаме деца кои имаат хронични болести или респираторни болести, тие би можеле преку средствата за електронската настава да ја следат наставата. Се зависи од епидемиолошката слика, ние сакаме да се обезбеди најбезбедниот модел, водејќи сметка за образовниот процес и здравјето на учениците. Најлесно е да се определиме за онлајн настава, но пак ќе повторам, само ако бидеме принудени и нема друг начин, би се определиле за ваквиот модел, за вакво организирање на наставата“, додаде министерот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг