Албанската армија купува американски дронови „Пума“

Точка

09/08/2020

11:58

3.470

Големина на фонт

а а а

Албанија планира купување на шест мали американски дронови “RQ-20B Puma” и соодветна опрема за извидништво. Овие летала се лансираат „од рака“ и се користат за извидништво од страна на пешадијата, специјалните единици и морнарицата.

Системот е составен од дронови, станица за прием на податоци и опрема која се поставува на леталото за извидништво, надзор и пронаоѓање на мети. Сличен мал дрон од израелско производство “Skylark” веќе користи нашата армија, а од земјите од регионот и Хрватска и Унгарија.

RQ-20B Puma” е тежок 6,3 килограми и лета со брзина до 85 километри на час. Има домет од 20 километри кој со помоќна антена може да се зголеми на 60 километри.

Во воздух може да остане 3 часа на максимална висина од 150 метри. Поседува инерцијална и ГПС навигација, може да работи на температури од -29 до +49 степени Целзиусови. Може без проблем да издржи налет на ветер од 46 километри на час, секако водоотопорен е и може да лета при силни врнежи на дожд.

Производителот „Аеровајронмент“ веќе испратиле официјално барање за склопување на договорот до Командата за договори на копнената армија на САД која е надлежна за издавање на дозволи за извоз на ваквиот вид на воена опрема.


Како што пренесува balkansec.net, опремата која е дел од договорот вклучува 6 дронови, 3 дигитални линкови за пренос на информации, 6 комплети на резервни делови, 7 комплети на опрема и софтвер за извидништво, надзор и пронаоѓање на мети, како и договор за логистичка поддршка во траење од две години.

Се очекува договорот да добие зелено светло од американските институции до крајот на оваа година, со рок на испорака од две години, односно до крајот на 2022-ра година.

“RQ-20B Puma” настана по барање на Командата за специјални операции на американската армија, но сега го користи целата американска армија на копно и море. Исто така, овој дрон е дел од армиите на Велика Британија, Германија, Белгија, Летонија, Естонија и Египет и најчесто се користи за специјални или мултинационални операции.



Спонзорирани линкови

Маркетинг