Германската Сојузна разузнавачка служба (BND) со децении ја шпионирала глобалната комуникација во значително поголем обем од тоа што се знаело. Притоа тесно соработувала со неколку странски служби - покажува истражувањето на германскиот весник "Frankfurter Rundschau".
Така "BND" и холандската разузнавачка служба одиграле одлучувачка улога во надзорот на радио-комуникацијата на аргентинското воено раководство во текот на Фолкландската војна во 1982-ра година, открива статијата за сојузот на разузнавачките служби под име "Максиматор", која во четврток излегува во печатено издание.
Тајните документи на службениците на "BND" и американската разузнавачка служба "CIA", како и изјавите на поранешни разузнавачи докажуваат дека сојузните влади од 70-тите години од минатиот век молчат за меѓусебната соработка. За тоа ништо не знаеле ни од Комисијата за контрола на разузнавачките служби (PKGr) во германскиот парламент, а ни членовите на одморот за буџет, кои треба да го контролираат "BND", известува "Frankfurter Rundschau".
Како што се наведува, германската сојузна влада и натаму одбива да даде било какви изјави за сојузот "Максиматор", кој постои и сега, бидејќи станува збор за "информации кои во голема мера се однесуваат на доброто на државата", напишала германската влада на 10-ти јуни, во одговорот на прашалникот на пратеничкиот клуб "Левица".

Први докази за "Максиматор" биле откриени во тајните документи за операцијата "Rubicon", кои во февруари биле откриени под име "cryptoleaks". Станува збор за операција во чии рамки "BND" и "CIA", почнувајќи од 1970-та година со помош на машини за шифрирање обезбедиле пристап до тајните комуникации за повеќе од стотина држави. Поранешен висок припадник на "BND" го забележал името "Максиматор" во ракописот покрај псевдонимите на пет вклучени разузнавачки служби.
Сојузот на "BND" со шведската разузнавачка служба "FRA", данската "DDIS" и холандската "TIVC" бил направен кон средината на 70-тите, а во 1985-та година пристапила и француската разузнавачка служба "DGSE".
Европскиот сојуз е замислен како противтежа на сојузот "Five Eyes", кој по Втората светска војна го направиле разузнавачките служби на САД, Канада, Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд.

Мрежа од бази за прислушување ширум светот
"Максиматор" веќе 40 години разменува информации со посредство на технологија за фаќање на сателитски комуникации и радио сигнали. Имаат цела мрежа на бази за прислушување и пресретнување на комуникација, наведува "Frankfurter Rundschau".
Од документот "Rubicon" произлегува и дека "CIA" и "BND" во 70-тите и 80-тите години знаеле за кршењето на правата во Чиле и Аргентина. На пример, знаеле за организацијата "Condor", сојузот на шесте јужноамерикански воени диктатури и за прекуграничниот прогон и убиствата на опозиционерите. И покрај тоа, ни Америка, ни Германија не направиле ништо во врска со тоа, истакнува германскиот весник.















