Мицкоски призна: Бев во ресторан во Дебар Маало, подготвен сум да ја платам казната

Точка

04/06/2020

01:07

5.975

Големина на фонт

а а а

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва се огласи на социјалните мрежи и призна дека бил во ресторан во скопско Дебар Маало.

Мицкоски на „Фејсбук“ напиша дека не бил информиран за новите протоколи, дека ја признава грешката и подготвен е да ја плати соодветната казна. Соопштението на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ви го пренесуваме во целост:

„Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа "епска битка" на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт.

Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива. Жал ми е што денес, покрај погубните бројки на ново заболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, денеска тема стана и мојата средба со познаници во една Скопска кафеана. Човечки е да се згреши, и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив. Сакам да демантирам, дека имав било каков контакт со било кој од државната инспекција или органите на државата. Тоа се измислици за да се потхрани дефокусирањето на јавноста.

И да бидам искрен, овој мој човечки грев, сметам дека е многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите.

Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да.

Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени!“

Претходно се огласи и началникот на СВР Скопје, Ристе Ставревски кој откри дека се чека судска наредба за обезбедување на снимките од безбедносните камери на ресторанот кој го посетил Мицкоски. 

Тој порача дека сега треба да се открие дали Мицкоски бил во затворениот дел на угостителскиот објект, а доколку тоа се потврди, ќе биде поднесена кривична пријава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг