Регистриран првиот случај во земјава на починат здравствен работник од Ковид-19

Макфакс

28/05/2020

14:17

2.796

Големина на фонт

а а а

Во земјата е регистрирана првата смрт на здравстветен работник како последица од коронавирусот.

Станува забор за дипломираниот фармацевт Петар Мојсоски, роден во струшкото село Подгорци.

Како што информираат од Фармацевтската комора на Македонија, тој се заразил со Ковид-19 извршувајќи ги своите професионални должности, укажувајќи здравствена помош на своето работно место, во аптека.

Во соопштението кусо се посочува дека Комората загубила почитуван член, еснафот драг колега, а пациентите посветен здравствен работник.

Мојсоски починал на Клиниката за инфективни болести во Скопје во текот на вчерашниот ден (27 мај). Целата своја кариера ја посветил на пациентите работејќи во аптека, најдолго во родното место Подгорци, но и на други места.

Инаку, уште за време на студирањето во Скопје тој објавувал научни трудови за лековитете растенија и нивната употреба. Во 2005 ја објавил својата прва книга „Лековити растенија на планината Јабланица“, во 2008 „Природни антибиотици“ и во 2009 „Отровни билки“.

Од Фармацевтската комора, изразувајќи сочувство до семејството на Мојсоски и неговите најблиски, посочуваат дека фармацевтските техничари што работат во аптеките се меѓу оние на првата линија во битката против вирусот.

Поради ова, се апелира до граѓаните на високо ниво на свест и придржување до заштитните мерки при посета на аптеките, но и на сите други јавни објекти со голема фреквентност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг