Елена Петреска ексклузивно за Точка: „Веќе нема да се повторувам со приказната за моето повлекување од естрада, ова е моја прва и последна изјава на таа тема“

Точка

25/02/2020

12:55

8.242

Големина на фонт

а а а

Пејачката Елена Петреска официјално нѝ потврди дека се повлекува од поп естрадата и ѝ се посветува целосно на класичната музика. Иако во медиумите можеби не беше најактуелна поради нејзината професија, сепак апсолутно потврдуваме дека Петреска е вистински професионалец во својата работа, а тоа нѝ го докажа и на нашето последно заедничко дружење на „Макфест“.

Во продолжение искрено интервју со пејачката Елена Петреска.

Како ти започнува денот, во колку часот стануваш?

За среќа во Опера пробите нѝ се после 11 часот, така да порано имав време да се наспивам, бидејќи Андреј ги носеше децата во градинка. Сè додека не се решив секој ден да станувам во 7, или понекогаш во 6 часот. Медитирам, ги спремам децата, ги носам во градинка и одам во теретана. За викенд знаеме сите да поспиеме, понекогаш и до 10 часот.

Утрото ти започнува со чај или кафе?

Кафе не пијам, со чај или смути.


Дали твојата професија налага откажување од некоја храна или пијалок, за да го сочуваш гласот?

Секако дека треба внимавање, и ако е сè умерено не треба откажување од ништо. Најголеми непријатели на гласот се стресот, зборување во гласна музика и ненаспаност.

Со што најчесто те нервираат децата, а со што те прават горда мајка?

Кога се настинати и не одат во градинка се најразмазени, но секоја нервоза со нив е минлива и веќе за секунда ја заборавам причината. Инаку, мајка сум, и ми требаат уште две страни од ова интервју за да си кажам што ме прави горда кога се децата во прашање. Ако треба да издвојам, ме прави горда високата свесност на Михаел во поглед на животните, (вегетаријанец е по сопствена желба откако почна да разбира што е месото) и општо неговата чиста намера за светот околу него, големата заинтересираност и познавање на Универзумот на само 5 години.. Софиа е мала мудра девојка, за разлика од него уметничка душа, сака да биде балерина и ужива да црта, според мене со голем сенс за перспектива и прецизна рака, и секој цртеж има некаква приказна која ми ја раскажува додека го црта.


Како музичарите воспоставуваат ред и мир во домот, дали применуваш некоја “специјална“ арија?

Хаха, често знам да им отпеам дел од некоја арија, па Софиа одма ги затвара ушите и вика, мама немој да викаш! Инаку со мене секогаш се разгалуваат, се трудам да бидам строга ама џабе ми е, па морам да се заканувам со: „Сега тато ќе дојде!“

Како успеваш и после раѓањето на двете деца да изгледаш најмалку 10 години помладо?

Искрено не се трудам нешто посебно. Свесна сум дека не сум совршена, се трудам да вежбам за да се вратам во форма. Но, многу повеќе посветувам внимание на работата на себе, на својата свесност, на прифаќањето на себеси со сите маани и доблести, на благодарноста за сè што имам, за сè што сум, на колективната благодарност. Зошто вистинската убавина излегува само кога душата е убава, чиста, кога е без комплекси и има љубов за себе, во себе, и надвор од себе.


Медиумите честопати те карактеризираат како “моден гуру“. Дали имаш личен стилист? Која е тајната со малку пари да изгледаш светски?

Благодарам. Баш ми е драго ако е така. Навистина уживам во модата, јас сум естета, уметничка душа, сакам да експериментирам, а поготово ми се битни деталите. За моите настапи се грижи дизајнерката Викторија Арсовска. А за моето секојдневие, стрит стилот, моето фешн студио (Sugar Box) кое го работиме заедно со мојата другарка Јована и секако од секаде каде што ќе ми фати окото нешто.

Инаку да, за да изгледаш скапо не ти треба гард од дизајнерски парчиња на себе. Доволно е да знаеш да избереш гардероба со фини материјали кои ќе изгледаат полуксузно, доволна е една добра ташна која се комбинира и со патики и со високи потпетици. Сè треба да е едноставно, но човек со стил за мода секогаш се познава по деталите, како добри очила за сонце, часовник, ташна, кондури, кои притоа не мора да се скапи или од луксузни брендови. Секогаш обрнете внимание при изборот на тие детали.

Кој стих од твоја песна најдобро те опишува?

Во последната од Макфест... Во еден момент вели: „Животот е убав и пред нас е!“

Точка дознава дека официјално се повлекуваш од поп естрадата и целосно се посветуваш на класичната музика. Која е причината, што е она што ти пречеше?

Би рекла, потрошив многу енергија стоејќи на погрешна врата. Сум правела од ништо - нешто. Сум си правела фустани од марами за на фестивал, сум фарбала сандали со аутолак, сум победила на фестивал, а притоа сум немала пари за автобус да се вратам во Скопје, сум пеела и правела најдобри забави, сум се трошела до максимум, целата енергија ја оставав на публиката, на моите настапи со бенд. Сум прифатила и лоши песни кои ни сама не сум сакала да ги слушнам, но и многу добри кои за жал никој не пројавил желба да ги пушта. Искрено, (секоја чест на исклучоците), на новинарите очигледно им бев интересна за интервјуа во врска со мојот живот, а кога се работеше за мојата музика сите ми вртеа грб, тоа се потврди и со мојот последен настап на Макфест. Немав среќа да имам добар менаџер, а сама за себе не знев да бидам. Јас сум уметник, и фала Богу што барем на моите настапи имав можност да бирам како ќе се изразам себеси, без да морам да прифатам било каква песна зошто сум немала спонзори за да платам поубава.


Затоа, веќе немам ниту мотив, ниту желба. И не се лутам на никого, едноставно тоа биле знаци кои одамна требаше да ги прифатам, а не упорно како што кажав да тропам на погрешна врата. Горда сум на мојата одлука. Уште погорда што секојдневно се повеќе сум инволвирана во класичната музика каде што уживам и искрено немам потреба никому да се допаднам, едноставно се препуштам на енергијата и магијата која ја носи во себе операта.

Дали оставаш простор некогаш повторно да снимиш некоја поп песна, или сепак засекогаш се повлекуваш?

Немам причина зошто да оставам простор. Може ќе си снимам понекогаш по некој кавер по дома, онака кога ќе ми се припее. Но дефинитивно веке нема да снимам песни. И секако веќе нема да се повторувам со приказната за моето повлекување од естрада, ова е моја прва и последна изјава на таа тема. Благодарна сум на сите со кои сум соработувала, и благодарна за сето животно искуство што го стекнав преку оваа професија која со својата динамика и контакти со многу луѓе, разни приказни и искуства, ме направи богат човек.

Кои се твоите идни планови?

Моментално вежбам пеење, поготово најдраги ми се часовите во Академија Дурловски. Во опера уште малку ќе почнеме со подготовки за мајски оперски вечери. Не се форсирам за ништо, работам, уживам и се препуштам. Go with the Flow. 


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг