(Видео) Мицкоски: Заев бил премиер, судија и обвинител, утре протест против главата на Рекетот

Макфакс

24/02/2020

15:13

1.620

Големина на фонт

а а а

Вчера бевме сведоци на болната вистина како Зоран Заев владее со Македонија и зошто државата е на дното, а тоа е приказ како мафијата има своја држава и правдата престанува да дише, истакна на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Партискиот лидер денеска повика на граѓански протест утре со почеток во 18 часот кој ќе започне од пред Обвинителството на кејот на Вардар и ќе оди до Врховниот суд.

„Ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат, од сите националности и убедувања. Ова не е протест само на ВМРО-ДПМНЕ туку на сите граѓани кои знаат дека главната кочница е Зоран Заев“, додаде Мицкоски нагаласувајќи дека токму Заев ѝ пукал во чело на правдата.

Според него, Заев е правдоубиецот во Република Македонија.

„Во исто време слушнавме лицемерие, надменост, забеганост. Слушнавме како Заев од позицијата премиер диктирал одлуки на Врховниот суд и како Катица Јанева како тогашен прв човек на СЈО работи во координација и по наредба на Заев“, истакна тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека објавениот аудио материјал открива три клучни работи.

„Прво, имаме јавно признание дека Заев грубо ја злоупотребил службената должност диктирајќи одлуки на Врховниот суд. Второ, тој јавно признава дека се влечат случаите и за таа негова стратегија знае и СЈО и Катица Јанева која била свесна за сето тоа. Трето, шемата како да паднат случаите била јасна или закон за обвинителство или ќе го цитирам – ‘трас-трас’ одлука на Врховниот суд“, кажа Мицкоски и нагласи дека освен премиер, Заев бил и судија, но и обвинител.

Tој потенцира дека граѓаните на протестот ќе порачаат оти одговорност мора да има за неправдите и дека Заев е главниот виновен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг