И викендов на Водно ќе има засилени контроли за непрописно паркирање

Макфакс

21/02/2020

15:55

480

Големина на фонт

а а а

Град Скопје и за овој викенд најави засилени контроли за непрописно паркирање на Водно.

„За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, градските инспектори и овој викенд ќе продолжат да вршат засилени контроли во однос на непрописното паркирање на јавни површини“, велат од Град Скопје.

Градските комунални редари изминатиот викенд на Водно изрекоа 76 казни за паркирање во зеленило.

Град Скопје воведе две нови автобуски линии – автобусот со број 25А тргнува од пред катната гаража „26 Јули“ на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот со број 25Б – од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Овие две автобуски линии до Средно Водно се бесплатни за време на викендите и државните празници, а во овие денови бесплатно е и паркирањето во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).

Паркирањето на Средно Водно се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари.

Град Скопје им препорачува на граѓаните да ги остават автомобилите во катната гаража „26 јули“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат) и со автобус да се качат бесплатно на Водно.



Спонзорирани линкови

Маркетинг