Шверцери на мигранти признаа вина, условно се казнети и ќе бидат протерани од земјава

Макфакс

21/02/2020

15:26

1.047

Големина на фонт

а а а

По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за предметот во кој се обвинети две лица по потекло од Гана дека сториле кривично дело шверцување мигранти, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје беше одржано рочиште.

По воведните зборови на надлежниот обвинител, обвинетите, германски државјанин и државјанка на Италија, ја признаа вината, соопшти Обвинителството.

Судот донесе пресуда со која на обвинетите им е изречена алтернативна мерка – условна осуда на казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во период од пет години не сторат друго кривично дело, воедно во текот на денешниот ден на обвинетите ќе им биде укината мерката притвор и ќе бидат протерани засекогаш од земјава. При одмерувањето на казната судот ги имаше предвид олеснителните околности дека обвинетите не се сторители на други кривични дела и против нив не се водат други постапки во други земји, дека двајцата се вработени во земјите чии државјани се, како и тоа дека првообвинетиот е татко на малолетно дете, а второобвинетата е болна. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се согласи со изречената пресуда.

На почетокот на јануари годинава обвинетите со намера илегално да пренесат тројца мигранти се упатиле со патничко моторно возило со германски регистарски таблички во Грција. За непречено поминување, за мигрантите обезбедиле јавни исправи – лични карти од Европската Унија и им ги дале на рака. На граничниот премин Богородица, при контрола од страна на полициски службеник, мигрантите се легитимирале со холандска, шведска и германска лична карта. Тројцата мигранти, кои исто така потекнуваат од Гана, платиле вкупно 500 евра за патни трошоци, а според договорот, остатокот од 1.000 евра од лице требало да го исплатат по пристигнување на крајната дестинација – Австрија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг