Заев: Со Законот за ЈО гарантирана е разрешница на сите судски процеси почнати од СЈО

Макфакс

16/02/2020

16:38

2.771

Големина на фонт

а а а

Им честитам на сите 80 пратеници, кои презедоа одговорност, го препознаа овој момент како клучен за владеењето на правото и за нашата европска интеграција, изјави првиот човек на СДСМ, Зоран Заев по усвојување на Законот за јавно обвинителство.

Со овој Закон, изјави Заев, гарантирана е судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО.

„Сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки, за што основни индиции беа прислушуваните разговори, односно бомбите. Нема скриена амнестија за никого, ниту за стари ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе се соочи со одговорноста. Секој што допрва ќе го прекрши Законот ќе се соочи со одговорност“, истакна Заев.

Додаде дека со Законот се гарантира дека политичарите нема да можат да бираат и именуваат обвинители ниту да одлучуваат за иднината на предметите.

Претседателот на СДСМ во однос на опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека не се одважиле да гласаат за правна држава и европска иднина. 

„Извршителот Мицкоски направи се да го спречи носењето на овој закон, да ги исполни желбите на неговиот шеф и да одбрани криминал. Не успеа! Не дозволивме да се загрози правдата, не дозволивме да се загрози европската иднина на земјата“, рече Заев. 

Претседателот на СДСМ се обрати до Европската Комисија и ЕУ, велејќи дека сега се тие на потег. 

„Ние нашите ветувања ги исполнивме, време е и ЕУ да го исполни своето ветување, одлука за почеток на преговорите. 

Јас верувам дека Северна Македонија и Европската Унија се подготвени за следниот чекор“, рече Заев.

 



Спонзорирани линкови

Маркетинг