Кинескиот аматерски маратонец Пан Шанцу ја подигна скалата на едно ново ниво кога станува збор за тренингот во рамки на домот.
Пан живее во градот Хангжоу кој на 5-ти февруари беше ставен во карантин поради опасноста од ширење на коронавирусот. Заклучно со 12-ти февруари, во овој град се потврдени 159 случаи на зарази, а во цела Кина досега починале повеќе од 1100 лица.
Бидејќи не излегува од дома, Пан одлучил да направи мала патека за трчање, па поставил две столчиња во ходникот и дневната соба околу кои трчал. Еден круг бил долг 8 метри, а откако успеал да истрча 6250 кругови за само 4 часа, 48 минути и 44 секунди, Пан го објавил следново на социјалните мрежи:
This is great - runners in China spending hours running around their apartments because they can't go outside due to Coronavirus https://t.co/B4vWFFycKE
— Sean Ingle (@seaningle) February 5, 2020
“Да, еден круг е долг околу 8 метри и успеав да истрчам 50 километри за вкупно 4 часа, 48 минути и 44 секунди. Целосно сум мокар и се чувствувам одлично!”.
Во продолжение на објавата на социјалната мрежа “Weibo”, маратонецот напишал:
“Долго време не бев надвор и повеќе едноставно не можев да седам на место. Не знаев што да правам сам со себе, па одлучив да трчам помеѓу две столчиња за масажа, барем да останам во некаква кондиција”.
За да докаже дека ја зборува вистината, Пан објавил и фотографии од апликацијата за трчање. Тој е само еден од милионите Кинези кои останале заробени во своите домови додека кинеските власти се обидуваат да ја спречат оваа епидемија која започна да се шири од градот Вухан, оддалечен околу 370 километри од Хангжоу.