Што беше тоа љубов?

Точка

12/02/2020

11:27

7.218

Големина на фонт

а а а

„Што ми ги направи синовите, чист романтизам, деца поезија, да им се радуваш секој Божји ден!“ - е најроматичната работа што сопругот ја направил за професорката Татјана Алексиќ. Но и многу повеќе околу тоа што беше, што е сега љубовта, што добивме, што губиме, до каде сме со емоциите....Едноставно се наметнува прашањето, Што беше тоа љубов? Кога капитализмот не претвора во робови константно, немилосрдно.

Како ли се договаравте за излегување кога ги немаше мобилните пред 30 години или зборот беше збор?

- Имавме фиксни телефони, оние црни гестаповски што ги гледаме по филмовите, крај нив уредно запишани телефонски броеви во тефтер и добра меморија да паметиш барем 10-20 броеви. Пред 18ч не си смеел да поsвониш, а уште пострашно ако некој поsвони во непристојно време ( рано наутро, на пладне или доцна навечер). Кратко сме зборувале, особено со странство и не си можел да се скриеш и да сакаш...После се појавија безични за скришни муабети. Сопругот, тогаш дечко кого го чекав од војска ( таква беше модата, да чекаш како Пенелопа) ми се јавуваше од Горњи Милановац со заглавени динари во јавна говорница и зборувавме со саати, ,,љубав преко жице". Не бевме опседнати со телефони, се договаравме ,,пешки" по пат, што би рекле усно, со препознатлива свирка под прозор, абер по комшиска линија...Но зборот за закажаните средби бил збор, не си смеел да доцниш оти ќе ти отиде приказната, немаш можност ни за порака ни за јавување со извинување... Те нема ли - пријатно!


Сега нема правила кој прв приоѓа девојките или момчињата, се сметаа ли за непристојни таквите девојки?

- Не, нови времиња, нови услови, не е фер да ги тапетираме милениумските деца дека се непристојни. И мене баба ми ме караше за скинати фармерки ( уште тогаш беа во мода, ама подискретно скинати од сегашниве на кои им фалат парчиња), дека се непристојни. Девојчињата треба да се дами и да бидат трпеливи, а не навалентни. Момчињата се посрамежливи, дури после матура им текнува што треба да преземат, па затоа им се случува девојките први да ги ,,стартуваат". Сум била класна на 35 месари во ,,Димитар Влахов" и знам колку биле исплашени од девојчињата на екскурзии. Арно ама, за кусо време ,,Империјата го враќа ударот".


Имаше ли спонтаност која сега ја нема?

- Имаше трпеливост, упорност, додворување со месеци, со години држење за рака, па бакнежи и сѐ по ред...Но редот беше по полнолетноста, никако порано за да не забремениш и после нема студирање и осамостојување како високо образована жена. Мајки станувавме после 25 години, јас на 26 го родив првиот син веќе дипломирана и со работен стаж. Ова што го кажувам никако не значи дека сме биле попристојни или поморални од сегашната младина, моралот се менува и децата се прилагодуваат. Секс скандали немало, извикани на прсти да ги наброиш, менување партнери за една ноќ непоимливо или ретко, разводи по некој случаен но не и фатален, мирно детство и младост. Не споредувам, би звучела како баба ми.

Кога ќе се каже романтика денес е еднакво на " забеганост". Или се приредува за на фб. Какви романтичари беа тогаш момчињата?

- Ништо посекси од романтичност и одложување, одолговлекување. Тоа е како продолжен оргазам, редок и резервиран за автентично водење љубов. Што подоцна - тоа подобро со сексуалните искуства, колку поромантични - толку посекси, па и збунети да сте, неспремни, невешти...Ни подаруваа цвеќе, чоколада, лонгплеј плоча веќе беше сериозен подарок. Апсолутно романтично беше кога дечко ти ќе ти шепне на увце: ,, каде, кај мене или кај тебе" , а ти нешто фина па се срамиш...


Која е најромантичната работа што ја направиле за вас?

- Што ми ги направи синовите, чист романтизам, деца поезија, да им се радуваш секој Божји ден!

Зошто браковите повеќе траеја од денешните? Можеби семејството не е повеќе институција?

- Култура на трпение, патријахално воспитување, скромни материјални услови и построги родители со офанзивна матрица ,, нема враќање дома, децата не смее да растат крај разделени родители" и слични клишеа кои многу семејства и ќерки унесреќија. Сега тоа оди вака : ,,само ако ти викне одма да се спакуваш и да се вратиш дома" . И така треба да биде, ништо не е поважно од личната среќа, а разводот е веќе вообичаена последица на брак.


Работата го зема приматот на семејството, станавме роботи без емоции?

- Да, одиме накај отуѓениот суров капиталистички систем каде приоритетите се материјалните добра. Се повторуваат романите на Балзак од циклусот Човечка комедија, обезвреднување на чистата безусловна љубов и купување на истата во име на интерес и ниски страсти. Системот диктира темпо во кое се нема време за секојдневни семејни дружби, освен за време на одмор 10-15 дена два пати во годината. Недостатокот на емоционална интелигенција, која се развива во раното детство, креира идни егоисти, социопати и инвалиди за љубов.


Ваши омилени љубовни стихови и композиција?

- Од раното детство поезијата која сум ја слушала од татко ми, чичко ми и дедо ми (по машка линија), Јесењин, Преверн, Мика Антиќ, Јован Дучиќ, Владимир Петковиќ Дис, подоцна Миладиновци (фраериште бил, на каква мака творел љубовни стихови) па Рацин, Конески, Кога ја љубев Дениција на Петре М.Андреевски, Ацо Караманов, Гане Тодоровски... Сега уживам во разиграните, раштркани стихови полни емоции на Ана Бунтевска, питка во во својата спонтаност, се игра со архаичното и модерното, баш и се кокетни стиховите. Сакам да ги слушам Mad about you - Hooverphonic со уфрлен Чајковски, или Mad about you на Стинг, баш ми прават синестезија од сите сетила и ме асоцираат на љубов

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг