Тимот на „Медена земја“ по Оскарите: Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни

Макфакс

10/02/2020

10:00

4.650

Големина на фонт

а а а

Тимот на „Медена земја“ преку социјалните мрежи им се заблагодари на сите што ги бодреа и веруваа во нив за време на оскаровската трка.

Тие велат дека се свесни за големината на филмот, иако не добил „Оскар“, но и за, како што велат, бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката.

„Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите зa ‘Оскар’. ‘Медена земја’ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со другите номинирани“, пишуваат од екипата на „Медена земја“.

Тие велат дека кога го промовирале филмот на фестивалот „Санданс“ не се надевале дека ќе стигнат до номинација за „Оскар“.

„Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот ‘Неон’ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“, додаваат од тимот на „Медена земја“.

И главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муртова, од Лос Анџелес ја упатува својата порака: „Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг