Нетанјаху го повлече барањето за имунитет во истрагата за корупција

Макфакс

28/01/2020

14:47

557

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека го повлекол своето барање за имунитет од Обвинителството во случаите на корупција против него, пренесува „Спутник“.

Во објавата на Фејсбук, Нетанјаху рече дека нема да дозволи неговите политички ривали да го искористат овој проблем за да ја уништат неговата „историска мисија“, очигледно мислејќи на планот за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.

Овој потег доаѓа откако се очекуваше Кнесетот да расправа за формирање комитет што ќе се занимава со барањето за имунитет на Нетанјаху. Очекуваното гласање беше критикувано како политизирано од десничарскиот блок партии кои го поддржуваат Нетанјаху.

Повлекувањето на барањето за имунитет ќе значи дека израелскиот обвинител може да поднесе обвинение до Окружниот суд во Ерусалим без да чека одлука од Кнесетот.

Нетанјаху е под истрага речиси три години во три случаи поврзани со корупција. Тој е обвинет дека примал скапи подароци и ја злоупотребил својата надлежност да промовира поволно покривање на неговите активности во медиумите.

Во Случај 1000 се тврди дека Нетанјаху добил подароци во вредност од околу 270.000 американски долари во 2017 година од австралискиот милијардер Џејмс Пакер и од израелско-американскиот бизнисмен Арнон Милчан.

Во Случај 2000 се тврди дека премиерот бил во договор со издавачот на весниците „Једиот Ахронот“, Арнон Мозес, за слабеење на весникот „Израел Хајом“ во замена за покривање на медиумите во интерес на Нетанјаху.

Нетанјаху и неговата сопруга Сара, наводно, се вмешани во корупцискиот скандал Безек-Вала, познат и како Случај 4000, и обвинети се за промовирање на интересите на Безек, најголемиот провајдер за телекомуникации во земјата, во замена за поволно покривање на активностите на Нетанјаху од страна на популарната веб-страница за новини „Вала“, која е контролирана од компанијата.

Нетанјаху се пожали дека обвиненијата се политички мотивирани и имаат за цел да го отстранат од функцијата. На почетокот на јануари, тој побара парламентарен имунитет од гонење во трите случаи на корупција со кои се соочува.



Спонзорирани линкови

Маркетинг