Запознавањето на селата во Англија ќе ви помогне да се запознаете со историјата, но и со "вистинскиот англиски карактер" кој многу се разликува од оној во големите градови како Лондон.
Доколку и вие сте едни од оние кои би сакале барем на момент да го доживеат средниот век, животот на село каков што многупати сте го виделе на филм, во Обединетото Кралство постојат неколку интересни села кои ја прикажуваат историјата и британскиот шарм.
Сместено на подрачјето Котсволдс, Сноусхил во грофовијата Глоучестер е зелено местенце пополнето со камени куќи, чиј древен шарм го пополнува интересна викторијанска црква. Ова британско село е познато по прекрасните полиња на лаванда и имотот Сноусхил Манор, збирки на ексцентричниот Чарлс Вејд. Необичната колекција играчки, мебел, музички и останати предмети на овој познат архитект, писател и колекционер се отворени за посетителите.
Селцето Грасмер било дом на поетот со презиме какво што секој поет би посакал, Вилијам Вордсворт. Селото е сместено во грофовијата Кумбри, а внатре во планинското подрачје Лејк дистрикт. Ова симпатично село се гордее со наградуваната слаткарница "The Chocolate Cottage", но и со светски познатата продавница за меденици и бисквити со ѓумбир - Sarah Nelson's Grasmere Gingerbread. Инаку, планинското подрачје Лејк дистрикт, наречено и Лејкленд, е познато по неверојатните природни убавини.
Британското село Маусхол со име кое во превод значи "глувчешка дупка", со своите лавиринти и тесни улички и премини е едно од најубавите села во Корнвол, грофовија на југоистокот на Англија. Локалните гостилници изобилуваат со свежа роба и школки, а местото е познато по тоа што секој декември нивното пристаниште е украсено со неверојатни божиќни декорации.
Селото Портмерион во Јужен Велс во 20-тиот век го дизајнирал ексцентричниот британски архитект сер Кло Вилијамс-Елис во стилот на италијанските села, со поплочени улици и згради обоени во пастелни бои. Има медитеранска атмосфера, со богато уредени градини и разиграни археолошки стилови од класицизам до барок.
Касл Комб е село кое често го нарекуваат "најубавото село во Англија", а се наоѓа во Котсволдс, заштитено подрачје со истакната природна убавина. Често се користи како локација за снимање на филмови поради својата богата историја и куќички направени од камења со боја на мед, типично за селата од ова подрачје. Домашните колачи, слатки, свежото цвеќе и прекрасниот поглед постојано ги шармираат посетителите.
Окружено со зелени полиња и цветни ливади, селото Аскриг во Јоркшир Делс, е симпатично поради 18-то вековните градби, шармантните работилници и фантастичните англиски пабови во кои се служат традиционални јадење и локално пиво. Пријатната атмосфера на тие места и гостопримливоста се дел од атмосферата која треба да се доживее.
Магичната историска архитектура и разиграна уметничка атмосфера ги привлекува патниците во Бродвеј и Ворчестер. Препознатливиот стил на градба ги краси живописните улици полни со разни работилници, галерии, а посебно се заводливи симпатични чајџилници, удобните пабови и квалитетните ресторани.