Средба на Трамп и Лавров во Белата куќа: Прв состанок после речиси две години, а еве за што разговарале

Точка

11/12/2019

09:09

2.093

Големина на фонт

а а а

За време на состанокот помеѓу Доналд Трамп и Сергеј Лавров, американскиот претседател го предупредил шефот на руската дипломатија Москва да не се меша во следните претседателски избори во САД и го повика на решавање на конфликтот со Украина.

Со Лавров разговараше и американскиот државен секретар Мајкл Помпео кој исто така порача дека е неприфатливо било какво мешање во изборите во САД, нагласувајќи дека администрацијата на Трамп ќе го заштити интегритетот на гласањето.

„Јасно дадов до знаење дека тоа е неприфатливо и јасно на Русите им ги изнесов нашите очекувања. Администрацијата на Трамп секогаш ќе работи да го заштити интегритетот на нашите избори“, изјави Помпео.

Во пресрет на средбата со Трамп во Белата куќа, Лавров уште еднаш ги отфрли обвинувањата дека Русија се мешала во американските претседателски избори во 2016-та година. Тој откри дека властите од Москва биле подготвени да објават детали од комуникацијата со Вашингтон за да ја ослободат Русија од обвинувањата, но Американците го одбиле тоа.

„Им сугериравме на нашите колеги дека за да се отстранат неоснованите сомнежи треба да ја објавиме блиската комуникација од октомври 2016-та година до ноември 2017-та година. За жал, оваа администрација одби да го направи тоа“, изјави Лавров.

Во соопштението на Белата куќа за средбата на Трамп и Лавров наведено е дека американскиот лидер ја нагласил својата поддршка на ефикасната глобална контрола на вооружување која покрај Русија, ја вклучува и Кина.

Трамп го поздрави ангажирањето на Русија во области од заеднички интерес, а исто така ја повика Москва да ги поддржи САД во напорите да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје, како и да обезбедат денуклеаризација на Северна Кореја.

Американскиот претседател исто така укажа и на потребата од „фер и реципрочна трговија“ со Кина и истакна дека подобрите односи со Русија ќе овозможат поголема трговија помеѓу двете земји.

Ова е прва средба на Трамп и Лавров од мај 2017-та година, а рускиот министер за надворешни работи во Вашингтон допатува од Париз каде во понеделникот се состанаа украинскиот и рускиот претседател, заедно со лидерите на Германија и Франција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг