Собранието ги изгласа измените на Законот за земјоделството и руралниот развој

Макфакс

21/11/2019

20:09

1.447

Големина на фонт

а а а

Собранието ги изгласа измените на Законот за земјоделството и руралниот развој, со кои се предвидуваат поволности за младите земјоделци и за корисниците на мерките од ИПАРД-програмата.

Со измените на Законот за земјоделството и руралниот развој се зголемува неповратната финансиска поддршка за младите земјоделци до 40 години од 10.000 на 20.000 евра. Мерката ќе биде за почнување и вршење земјоделска дејност.

Измените предвидуваат отворање можност за предфинансирање за корисниците на мерките од ИПАРД-програмата за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски производи. Мерките од оваа програма овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба и реконструкција на преработувачки капацитети по принципот 50/50. Поточно, досега 50 отсто (или повеќе во зависност од мерката) од инвестицијата на барателот се покрива преку ЕУ-фондовите (ИПАРД), а остатокот е сопствено учество на барателот/инвеститорот. Сега со измените на Законот се овозможува предфинансирање, односно инвеститорот ги добива парите однапред пред да вложи за да може да инвестира. Конкретно, сопственото учество на инвеститорот се покрива од националниот буџет, кој има обврска на 8 еднакви годишни рати овој дел да го врати без камата. Тоа ќе биде утврдено со договорот за користење на оваа финансиска помош.

Помошта им се доделува на корисници чија инвестиција опфаќа реконструкција на објекти, набавување опрема и воспоставување капацитети за постбербени активности. Корисникот на помошта е должен пред склучување на договорот до Агенцијата да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во вредност на одобреното предфинансирање во согласност со фазите за реализацијата на инвестицијата како гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот.

Со законските измени ЈП Национални шуми ќе може да користи финансиски средства од Програмата за рурален развој за обновување на опожарените делови од шумскиот фонд, како и за воспоставување едукативни патеки, видиковци и друга мала инфраструктура (рекреациски патеки, платоа, информативни знаци, информативни плочи, натстрешници и други објекти за јавна употреба) и маркетинг на дрвни и недрвни шумски производи.

Со дел од измените на Законот за земјоделството и руралниот развој се овозможува да се направи исплата на дел од лозарите што имаа побарувања од винарските визби „Повардарие“ и „Стефани“. Станува збор за 600 лозари, кои не беа опфатени во претходната исплата на долгот што овие винарници го имаа кон лозарите, а кој го исплати Владата на Република Северна Македонија. Со овие измени практично ќе биде комплетирана исплатата за сите лозари што не ги имаа добиено парите од винарниците „Повардарие“ и „Стефани“ за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг