Едно од девет возрасни лица во Северна Македонија имаат дијабетес

Макфакс

14/11/2019

09:39

601

Големина на фонт

а а а

Во Северна Македонија едно од девет возрасни лица имаат дијабетес или околу 175 илјади луѓе, објави Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија „Баланс мк“.

Од таму наведуваат дека бројот на лица со дијабетес во светот продолжува да расте. Споредено со 2017 година кога се публикувани последните резултати од осмото издание на Дијабетес атласот, бројот на лица со дијабетес од 425 милиони е пораснат на 463 милиони, односно, зголемен е за 38 милиони, според најновото деветто издание на Меѓународната Федерација за Дијабетес (International Diabetes Federation – IDF).

Ова зголемување на бројот на лица со дијабетес е еднакво на бројот на жители во една голема европска држава како Полска или повеќе од двојно повеќе од бројот на жители во земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Се проценува дека до 2045 година оваа бројка ќе надмине 700 милиони или секој деветти човек во светот ќе има дијабетес.

Меѓународната Федерација за дијабетес (IDF) годинава го издава деветтото издание на Дијабетес атласот, кој преставува авторитативен извор на податоци за глобалната тежина на дијабетесот.

Според податоците од овој атлас, проценките за 2019 година се следниве: едно од 11 возрасни лица (20-79 години) има дијабетес (463милиони), односно 38 милиони луѓе повеќе споредено со 2017 година, 3.600 повеќе деца и адолесценти заболени од дијабетес споредено со 2017 година, односно 1.110.100 деца и адолесценти на возраст под 20 години имаат дијабетес тип 1..

Едно од две лица со дијабетес се недијагностицирани, 22 милиони луѓе повеќе се на ризик да развијат дијабетес, споредено со 2017, речиси две третини (63%) oд лицата со дијабетес се во активно работно доба (под 60 години), едно од пет лица со дијабетес се на возраст над 65 години, 33 милијарди долари повеќе се трошат на дијабетес споредено со 2017 година, 10% oд светските здравствени трошоци се трошат на дијабетес (760 милијарди долари) и едно од шест раѓања (20 милиони) е засегнато од зголемен крвен шеќер, од кои 84% се должат на гестациски дијабетес (дијабетес во бременост).

Од „Баланс мк“ наведуваат дека зголемената преваленца на дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна.

Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес се недијагностицирани, односно не знаат дека имаат дијабетес. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесна тежина, глад) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик за дијабетес тип 2 (напредна возраст, зголемена телесна тежина, компликации, ниско ниво на физичка активност и нездрава исхрана).

Во нашата земја е подготвена Национална Стратегија за справување со дијабетесот, која „Баланс мк“ очекува да се имплементира многу скоро.

Асоцијацијата објави и петиција за јавна поддршка на барањето за набавка на сензори за безболно мерење на гликемија на 500 деца и адолесценти, како и исполнување на ветувањето за нивна набавка од Министерството за здравство, Владата и ФЗОМ час поскоро.



Спонзорирани линкови

Маркетинг