Нов рекорд на Алибаба: За една минута „свртија“ милијарда долари, а на крајот од денот остварија неверојатна заработка

Точка

12/11/2019

09:18

3.163

Големина на фонт

а а а

Кинескиот гигант во е-трговија Алибаба соопшти дека продажбата во текот на „Денот на самците“ кој компанијата го организира на секој 11-ти ноември достигнала неверојатни 210 милијарди јуани, односно 30,8 милијарди долари, со што е поставен нов рекорд.

На Алибаба во текот на вчерашниот ден кога започнаа големите попусти на „Денот на самците“, за само една минута и осум секунди била продадена стока во вредност од една милијарда долари.

„Денот на самците“ кој е кинески пандан на „Црниот петок“ и „Сајбер-понеделник“, кој инаку главниот извршен директор на Алибаба, Даниел Џанг го промовира како 24-часовен онлајн шопинг празник од 2009-та година, бележи забрзан раст со тенденција да стане најголемото малопродажно случување на светот.


Името на фестивалот е поврзано и со датумот 11.11, при што четирите единици го означуваат статусот на самците.

Алибаба минатата година на својата платформа на „Денот на самците“ забележа продажба вредна 30 милијарди долари, фрлајќи ги во сенка „скромните“ 7,9 милијади долари остварени на онлајн купувањето на американскиот „Сајбер-понеделник“.

Минатогодишниот раст на продажбата на овој ден беше 27%, односно најнизок во десетгодишната историја на тоа случување, па организаторите побараа свежи идеи. Така овогодинешниот шопинг фестивал започна со настапите на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт, како и бројни домашни популарни ѕвезди како Џексон Ли.

Продажбата во првата минута и осум секунди достигна вртоглави милијарда долари, за во првиот час да се искачи на 84 милијарди јуани, што е за 22% повеќе од 69-те милијарди јуани забележани во првиот час од „Денот на самците“ минатата година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг