Паркети откриваат кој и колку пари им позајмил за новата „Ебиветер“

Точка

18/10/2019

10:19

6.715

Големина на фонт

а а а

Приказната во спотот за најновата на Паркети „Ебиветер“ е дека во животот некогаш не ги гледаме правите вредности од кој една е и самиот живот. Треба да ги цениме љубовта, милоста, несебичноста и секој ден од нашиот живот да ги славиме тие вредности оти тој може во секој момент да биде прекинат.

Овој ветер за кој пеат, дува буквално низ цел свет - негде повеќе се чувствува, негде помалку. За инспирацијата, реализацијата, колку ги чинело сето тоа и од каде пари, а и рецептот за хитови кој го имаат, дознавате од Сашо Паркет.                     

Ајде да почнеме од насловот на песната „Ебиветер“, на што точно мислите?

- Зборот ебиветер во нашиот сленг буквално значи нешто што нема вредност, што е фушарско, ефтино, што нема вистинска тежина на смислата. Уствари иако често го користиме нема само одредено значење и неможе буквално во еден збор да се објасни освен самиот збор ебиветер. Е сега, некој ќе даде забелешка дека е сложен збор од две зборчиња, ама тоа е најмалку значајно. И не е воопшто безобразен збор тоа не му е смислата. Овој ветер дува буквално низ цел свет негде повеќе се чувствува негде помалку.


Кој ја правеше музиката, што жанр е?

- Музиката секако општо спаѓа во жанрот рокенрол, конкретно се базира на нашиот стар стил со примеса на да речиме инди елементи на бендот „Блек Кис“, ама далеку сме од нив, ете малку има тивок мирис на блек кис ..Песната и музика и текст от ги смислив јас Сашо Паркет и е од типот на моите стари песни: „Кафеави џуџиња“ , Мравка зелена“, Умрени луѓе..Не е љубовна како „Строубери“ или „Сакам да те галам“.

Ретко нова песна од вас, ама кога ќе излезе - хит. Како се прават хитови?

- Е сега дека секогаш вадиме хитови фала на комплиментот. Јас не сум сигурен толку во тоа . Фала Богу цела наша кариера која е стварно долга од 1991-та, па до сега, секогаш сме ваделе по некој хит, дали за андергаундот или за комерцијалата. Така да кога би се направил наш бест оф албум барем 15-20 песни има што се некаков хит. Моментално во денешната естрада се прави хит со пари. Или имаш богат татко, па ти плаќа или имаш убаво тело и знаеш како да натераш некој да плати за твојот хит. Но, хит кој ќе остане и долго ќе се слуша се прави само со талент, искрена емоција, малку среќа и квалитетни луѓе кои го снимаат свират итн. И со Божја помош посебно во оној прв иницијален момент кога ќе се појави песната во срцето на композиторот.

Зошто ве нема почесто, што друго ви го одзема вниманието и времето?

- Почесто не немаше поради многу причини од кој една е целата ситуација во нашата мала напатена земјичка. Плус како старее човек помалку му треба да биде во центар на внимание дури и ми смета тоа многу да ме има во јавност. Секој од нас работи нешто друго, а за да пишуваш песни бара посветеност и мака. Па, некако последните неколку години многу многу, не се трудевме да правиме нешто ново. Ете, конечно почнавме и се работат нови песни до Нова Година ќе има барем уште два сингла, а најбрзо што може наредна пролет цел албум. Да не се почудиме или урочиме, сепак тоа зависи од некои повисоки сили и финансии.

Колку ве чинеше „скапиот“ спот, колку милиони, бидејќи во нашата земја се во милиони се пресметува, каде најдовте толку пари?

- Скапиот спот за песната „Ебиветер“ се снимаше очигледно на гробишта. Тоа се гробишта од Првата светска војна. Да нема забуна дека сакаме да осквернавиме некого или местото со најголемо почитување се однесувавме таму. Тоа се гробишта на војската на Кралството Југославија некој ќе рече тоа се српски војници. Но, во таа војска и двајцата мои прадедовци се бореле така поточно е дека таму има од сите народи кои живееле во Кралството Југославија. Пари за спотот позајмивме од ММФ, затоа што цел кастинг камери и пост продукција кошташе право богатство дури 150 денари за бензин во колата. Требаше да има и три девојки кои ќе играат ластик во спотот но, поради прекорачување на буџетот не успеавме да се договориме.

Која е приказната во спотот?

- Приказната во спотот е самата смисла на песната дека во животот некогаш не ги гледаме правите вредности од кој една е и самиот живот. Треба да ги цениме љубовта, милоста, несебичноста и секој ден од нашиот живот да ги славиме тие вредности оти тој може во секој момент да биде прекинат. Исто самата таа илузија најлесно се гледа на гробишта. Да имавме уште еден милион евра од ММФ може ќе можевме и на поинаков начин да го прикажаме ова труман шоу во кое живее цел свет во моментот, ама имавме само пола милион долари мораше вака некомерцијално, но практично да го направиме.

А пораката на песната?

- Пораката на песната е покрај цел ебиветер што ни се случува, да најдеме некој несебичен начин да бидеме среќни и да ги направиме и нашите браќа и сестри среќни. Да ја согледаме илузијата на некои нешта кои не мамат, како морковот магарето кое никогаш нема да го стигне, а ќе работи ко магаре цел живот..

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг