Кара: Додека не го исчистиме регионот од терористи, акцијата во Сирија нема да престане

Макфакс

16/10/2019

13:10

1.643

Големина на фонт

а а а

Операцијата „Извор на мирот“ на Турција во Сирија ќе продолжи сè до расчистување на регионот од терористи. Досега се убиени и ранети 637 припадници на курдската работничка партија ПКК, а дваесетина им се предадоа на турските власти, изјави турската амбасадорка во Северна Македонија, Тулин Еркал Кара.

Таа рече дека конечна цел на операцијата е воспоставување гранична безбедност и спречување на заживувањето на ИСИС, како и отворање на патот за сириските бегалци да се вратат во својата татковина. 

„Операцијата ќе продолжи сè до расчистување на регионот од терористи, до воспоставување на безбедност на нашата граница и до ослободување на населението на Сирија. Операцијата „Извор на мирот“ се реализира според меѓународното право односно правото на самоодбрана и со зачувување на територијалниот интегритет на Сирија“, рече Кара.

Од почетокот на операцијата, терористите од ПКК, како што рече Кара, извршиле 652 напади со минофрлачи врз Турција, при што биле убиени 20 цивили, меѓу кои и деца и едно 9-месечно бебе, како и четворица турски војници. Во турските напади, рече Кара, нема цивилни жртви.

Амбасадорката истакна дека Турција нема намера да ја менува демографијата на регионот и нема територијални претензии. Очекува меѓународната заедница да ја поддржи Турција во борбата против тероризмот.

Кара вели дека во некои светски медиуми се пласираат видео материјали кои не се од нападите на Турција, со цел, како што рече, да се оцрни земјата. Таа рече и дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ги осудил овие лажни видео материјали кои биле од други напади извршени во 2007 година, а не од операцијата „Извор на мирот“.

Според неа се води оцрнувачка медиумска кампања против Турција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг