Адвокат по службена должност ќе го брани Груевски и за изградбата на партиското седиште

Макфакс

15/10/2019

12:42

666

Големина на фонт

а а а

Во кривичниот суд утрово беше одложено судењето за предметот „Талир 2″ на СЈО. Причина за одлагање на денешното рочиште е откажувањето од полномоштвото за обвинетиот експремиер, Никола Груевски, кого го застапуваше адвокатот Донче Наков.

На претходното рочиште Наков рече дека во фаза на истрага добил полномоштво од Груевски да го застапува за овој предмет, но поради преносот на обвинението од СЈО во скопското обвинителство, случајот има друг број и е застапуван од скопски обвинител, а за тоа тој морал да се консултира со неговиот клиент.

Нејасно е зошто откажувањето на полномоштвото не се случило порано, за во меѓувреме за денешното рочиште да се обезбеди присуство на бранител за Груевски. Судењето за овој предмет една година не може да почне со главна расправа зашто повеќе од 7 месеци траеше само оценката на обвинението.

Во предметот за 27 април, кога адвокатот Тони Менкиноски го откажа среде судење полномоштвото на клиентот, судијката Добрила Кацарска даде кратка пауза, по што судењето продолжи со назначен адвокат по службена должност.

Следното рочиште за ,,Талир 2″ е закажано за 21 ноември, кога на Груевски ќе му биде определен адвокат по службена должност. Груевски веќе го застапуваат адвокати по службена должност во другите предмети како ,,Талир”, ,,Траекторија”…

Во „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Тие ја злоупотребиле службената положба и овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Пред судот веќе се води постапка за предметот „Талир 1“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според обвиненителниот акт од СЈО, обвинетите во „Талир“ незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе.



Спонзорирани линкови

Маркетинг