На денешен ден во 1973 година е роден легендарниот уругвајски фудбалер Фабијан О’Нил.
О’Нил е роден во гратчето Пасо де лос Торос во областа Такуарембо, Уругвај. Тој е најстар од петте деца на таткото Луис Алберто O’Нил и мајката Мерцедес Домингез.
Фабијан ја започнал професионалната кариера во Насионал кој се натпреварувал во Првата лига на Уругвај, а во првиот тим бил во периодот од 1992 до 1995 година. Во 1996 година потпишува за Калјари (Италија) во кој останува до 2000 година, а потоа заминува за Јувентус. Во јануари 2002 година потпишува за Перуџа, за најпосле да се врати во Калјари кој тогаш беше во Серија Б.
По ова, следело пензионирање – O’Нил се вратил во Уругвај каде се посветил на одгледување стока на ранч. Меѓутоа, во јануари 2003 година одлучил да ѝ се врати на најважната споредна работа на светот и повторно потпишал за Насионал. Но, за уругвајскиот прволигаш во таа сезона, Фабијан настапил само 5 пати.
“Додека бев играч на Калјари, наместив натпревар со Кјево. И на едните и на другите им одговараше реми додека се боревме за опстанок. Од главните луѓе на своите клубови добивме и награда за опстанок во лигата. Договорив реми со капитенот на Кјево, како и со своите соиграчи. Дури отидовме и во обложувалница да вложиме пари на нерешен резултат. Во 87-мата минута поведовме со 2:1 преку Диего Лопез. Му пријдов и му реков: “Исправи го ова, биди виновен за примениот гол или ќе нè распнат. И тогаш до крајот на мечот примивме гол”, изјавил Уругваецот.
Тој истакнал дека наместил уште еден натпревар додека играл за Перуџа.
“Бев капитен на Перуџа. Договорив резултат и повторно сите се обложивме. Сè пројде како што се договоривме”, рекол O’Нил.
Тој на крајот рекол дека во текот на играњето во Серија А водел лична војна со бројни фудбалери, пред сè со Џенаро Гатузо.
“Кога потпишав за Јувентус, од идол на екипата се претворив во најлош играч бидејќи околу мене беа феномени како што е Зидан. Само поради него сега навивам за Реал Мадрид”, открил Фабијан.
“Повеќе немам ништо. Потрошив 14 милиони долари. Кој е виновен? Виновни се бавните коњи и брзите жени”, изјавил тој и додал:
“Сиромашен сум, но повторно сум среќен. Најважно е што јас и моето семејство имаме за јадење. Пронајдов вистински пријатели, оние вистински, а не лажни кои беа покрај мене додека бев богат”.
O’Нил го потрошил своето богатство на алкохол и ноќни забави:
“Јас сум виновен. Жените се заљубуваа во моите пијани изданија, а потоа се обидуваа да ме променат. Никој не можеше да ме промени. Дури ми нудеа и професионална помош. Од мене се побогати и моите поранешни сопруги”, навел фудбалерот кој денес работи како келнер.