Блаже Јосифовски: 100.000 тони храна се фрла, а 460.000 лица гладуваат во Македонија

Точка

11/10/2019

12:21

4.034

Големина на фонт

а а а

Граѓаните секоја година фрлаат околу 12.000 тони на добра храна, безбедна за користење, а може да достигне и 100.000 тони, како пример ланското фрлање на 50.000 тони јаболки, кои не најдоа место на пазарите. Во Македонија бројот на сиромашни е 460.000 граѓани, според Државниот завод за статистика, по што може да се каже дека овие граѓани согласно нивните приходи, имаат проблем да ги обезбедат сите оброци во текот на денот. Најмногу во нашата земја се фрлаат овошје и зеленчук, кои земјоделците го произведуваат.

Колку храна е фрлена минатата година и од почетокот на оваа до сега?

- Нашите проценки се дека граѓаните секоја година фрлаат околу 12.000 тони на добра храна, безбедна за користење, но ако на ова се додадат количините кои бизнисите и земјоделците ги фрлаат, зависно од годината, може да достигне и 100.000 тони на добра храна којашто се фрла. Како пример, може да го земеме ланското фрлање на 50.000 тони јаболки, кои не најдоа место на пазарите.

Што фрлаат најчесто?  

- Најмногу во нашата земја се фрлаат овошје и зеленчук, кои земјоделците го произведуваат. Во нашето производство, често се јавуваат вишоци, поради различни економски причини. Дополнително, се фрла готвена храна, којашто се јавува поради различни настани и приватни пригоди, каде секогаш се подготвува повеќе храна, отколку што може да се конзумира. Секако, не изостануваат ниту супермаркетите и индустриските капацитети кои произведуваат храна.

Во кој град најмногу се фрла?

- Граѓаните од Скопје, бидејќи е најголем град, фрлаат најмногу храна, но кога има добра сезона на јаболка или сливи, помали градови како Ресен или Делчево, може да се на првите позиции по фрлена храна.

Што превземате како организација?

- Работиме на законски решенија и мерки од страна на државата кои може да се преземат, но и директна редистрибуција на храна од бизнисите кон граѓанските организации, кои понатаму распределуваат до нивните крајни корисници.

Освен одржување и развој на систем за донирање на вишок храна, „Сите сити“, организира готвење на топли оброци, распределба на пакети до руралните средини, акции за собирање на храна „Нахрани 10.000“, како и други видови на активности, со цел спасување на што повеќе добра храна и распределба до тие што немаат.

Како ќе ја одбележите неделата на Борба против гладот?

- „Сите сити“ ќе добие донации во храна коишто ќе бидат распределени до социјално загрозените граѓани, а дополнително во таа недела ќе правиме промоција на националната акција за собирање на храна „Нахрани 10.000“, којашто ќе ја организираме на 26-ти октомври, пред поголемите супермаркети.

Како да се подигне свеста?

- Потребни се многу активности за подигнување на свеста и прикажување на реалната состојба во која се наоѓаме, а тоа е многу фрлена храна, а многу гладни луѓе. Кога го започнувавме ова пред 2 години, многу малку луѓе воопшто имаа свест каков голем проблем имаме со гладот и фрлањето на храна кај нас. Но, после многу вложен труд и искрена енергија, мислам дека сериозно се зборува на оваа тема кај нас и почнаа да се создаваат решенија. Во исчекување сме да го видиме предлог Законот за донирање на вишок храна, којшто треба да ја поттикне оваа сфера кај нас. Дополнително, проектот „Оброк за сите“, кој доби поддршка од Фондот за иновации и Министерството за труд и социјална политика, треба да создаде мерки за користење на вишоците храна ширум целата земја, за да се зголеми опфатот на граѓани и да се подобри хранливоста на оброците.

Во која земја во Европа најмногу се фрла храна?

- Обично, земјите кои имаат највисок стандард на живеење фрлаат најмногу храна, претпоставките се дека кога луѓето лесно може да си обезбедат храна, без многу да се почувствува на нивниот буџет, помалку ја ценат храната и лесно се ослободуваат од неа. Така што, скандинавските земји се лидери во ЕУ.

Колку луѓе гладуваат и имаат потреба од храна?

- Во Македонија бројот на сиромашни е 460.000 граѓани, според Државниот завод за статистика, по што може да се каже дека овие граѓани согласно нивните приходи, имаат проблем да ги обезбедат сите оброци во текот на денот.


(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг