Лионел Меси изминатава вечер за првпат во својата кариера ја прими наградата „The Best“ која неодамна ја имплементираше ФИФА, признание кое светската куќа на фудбалот му го доделува на најдобриот фудбалер за изминатата натпреварувачка година.
Аргентинецот ја доби трката со Вирџил Ван Дајк и Кристијано Роналдо и речиси во сите параметри од гласањето имаше голема предност, а ако Холанѓанецот беше дел од свечената церемонија во Милано, посебно забележително беше отсуството на Кристијано Роналдо кој очигледно знаеше дека нема да биде прогласен за најдобар играч.
Непосредно по завршувањето на церемонијата на која Меси беше избран за најдобар, Роналдо одлучи да се огласи од својот дом во Торино со филозофска порака.
– Трпеливоста и упорноста се две карактеристики кои ги разликуваат професионалците од аматерите. Се што е големо денеска, започнало како мало нешто. Не можеш да направиш се, но можеш да направиш се што е возможно твоите соништа да станат реалност. И имајте на ум дека после ноќта, секогаш доаѓа зората, – истакна Роналдо.