Ексразузнавачот Слободан Богоевски и денеска не се појави да сведочи во случајот „Маѓар телеком“ како сведок кој го предложи одбраната. Причината е бидејќи немало доказ за уредна достава на судската покана.
Судијката Ленка Давиткова рече дека сведокот Богоевски испратил поднесок до судот со кој посочува дека повторно е спречен да присуствува на рочиштето и дека ниту ги познава обвинетите ниту нивните дејствија.
Обвинителката Лиле Стефанова рече дека не ја знае причината зошто Богоевски не се појавува, но рочиштата се одлагаат поради неговото неприсуство и дека на следните рочишта ќе бидат повикани и други сведоци за да не се одложуваат судењата.
„Богоевски беше предложен од одбраната и тој даде исказ во Обвинителството за настаните кои следуваа потоа“, рече Стефанова. На следното рочиште на 30 септември треба да сведочи Михалис Кефалојанис.
Во предметот обвинети се тројца ексдиректори на „Телеком“ Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, за злоупотреба на службената положба, кои повеќе од седум години се недостапни за органите на прогонот.