Студија на 360 степени: Мерко тврди дека на струшкото крајбрежје нема ниту една дивоградба

Точка

24/09/2019

11:08

2.626

Големина на фонт

а а а

Пред два месеци, медиумите пренесоа две вести од Струга – дека лице од Велешта му се заканило на струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, а потоа и дека Мерко ѝ ги нуди сите ингеренции во урбанизмот и градежништвото на државата.

Минатата недела во посета на Струга пристигна комисија од неколку институции и експерти, задолжени за спроведување на препораките од страна на УНЕСКО. Како домаќин и надлежен за градбите, нив ги придружуваше градоначалникот Мерко. 

Групата при разгледување на крајбрежјето, за секој диво поставен монтажен објект го прашуваа Мерко и му сугерираа различни решенија. Комисијата упати забелешки поради истурениот камен покрај езерото, а дел од нив му сугерирале и дека не е решен проблемот со подземните води. 

За дел од платформите во езерото, кои ги регистрира и комисијата, Мерко изјавил дека ќе бара решение, а на прашањето дали ќе се уриваат сите, тој го дал следниот одговор:

“Мислам не сите. Особено каде што е употребено повеќе железо и покриви од железо итн. Да биде нешто од дрво или од природен производ. Да биде на некој начин еколошки заштитено езерото”.

Согласно препораките од УНЕСКО, од Струга се бара да ги направи следните задачи, согласно до февруари:

- мораториум за градба, кој веќе е донесен на 15 август 2019
- отстранување палми и билборди
- чистење на диви депонии во заштитениот појас
- детален попис на дивоградби 


Последниот регистар на дивоградби кој Струга го доставила до Министерството за транспорт е од 2016 година, кога имало 3200 нелегални објекти. Но, колку од нив се легализирани, нема податок. Градоначалникот Рамиз Мерко за тврди дека ниту една од дивоградбите не е во крајбрежниот појас.

“Нападите беа дека во Струшкиот регион се сите узурпации, сите диви градби. Испадна дека ние во заштитената зона немаме ниту една дива градба. Сите беа шпекулации… Сите диви градби излегоа во Охрид. Значи 409 во заштитена зона, а Струга нема ни една”, изјавил градоначалникот за “360 степени”.

На подолг рок, Струга има и други, многу потешки обврски:

- затворање и санирање на градската депонија во текот на 2020 година
- оцена на влијанието на дивоградбите до јули 2021
- уривање на дивоградбите, по завршување на оценка на влијание
- ДУП за крајбрежниот појас – по донесување на Планот за управување
- враќање на коритото на реката Сатеска, до 2025 година 


На сето ова треба да се додаде и обврската за зајакнат надзор над палењето на трската и спречување на нови дивоградби, што треба да се прави постојано.

Од комисијата за управување со Охридскиот регион велат дека ги знаат критичните точки во Охрид и во Струга, а ги користат посетите на терен за да ја утврдат фактичката состојба и да проценат каде може да се најде компромис.

Покрај Охрид и Струга, со околу два километри крајбрежје, обврски кон УНЕСКО има уште една општина – еден мал дел од општина Дебрца спаѓа во Охридскиот регион под заштита на УНЕСКО. За разлика од Охрид и Струга, овде дивоградбите не се проблем бидејќи има регистрирано само една во крајбрежјето. За единствениот објект покрај езерото кој е регистриран како дивоградба, во моментов се води постапка за легализација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг