Повеќе од 165 жртви на модерно ропство од Бугарија, кои што работеле за француските винари, откриени се во голема акција против организиран криминал, објавија од „Европол“.
Француските власти уапсиле минатата седмица четворица осомничени - тројца Бугари и едно лице од Франција, откако идентификувале 167 можни жртви на модерно ропство кои биле „вработени“ од четири компании кои се занимаваат со производство на вино во близина на Лион.
„Бугарските припадници на групата се одговорни за „регрутација“ во Бугарија, додека францускиот член организирал логистика и организација на сместувањето на работниците“, откриваат од „Европол“.
Работниците биле регрутирани преку легална агенција за вработување во Бугарија и им било кажано дека ќе заработуваат по 60 евра дневно, но и дека ќе им бидат покриени сите трошоци за превоз и сместување.
Меѓутоа, тие биле сместени во кампови, не добивале пари за храна, а кога им истекле договорите не ја добиле сумата која што им била ветена, поради што многумина од нив не можеле ниту да се вратат назад во Бугарија.
Криумчарењето на работна сила на Стариот континент стана пораширено од сексуалното искористување, соопштија од Советот на Европа минатата година.
Се проценува дека околу 25 милиони луѓе ширум светот се на присилна работа, од фарми и фабрики, па се до рибарски „флоти“, оцени агенцијата за работа при Обединетите нации.