Палмер: САД се надеваат дека Северна Македонија ќе ги почне преговорите во октомври

Макфакс

19/09/2019

11:48

732

Големина на фонт

а а а

Специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, вели дека очекува Северна Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија во октомври.

„Се надеваме дека Северна Македонија ќе ги почне преговорите по Европскиот совет на 16 октомври“, изјави Палмер во интервју за Гласот на Америка.

Тој потсетува дека Европската комисија препорачала отворање на преговорите со Скопје во последните девет или 10 години по ред.

„На нашите европски партнери јасно им ја пренесовме нашата позиција. Сметаме дека (отпочнувањето на преговорите) би било многу корисно“, вели Палмер.

Северна Македонија, додава тој, се разбира може да помогне во својата кауза, продолжувајќи да ја следи агендата за реформи за спроведување на новиот закон за специјалното обвинителство.

„За тоа прашање во тек се консултативни преговори во Скопје. Ние би сакале да бидеме партнери со владата во Северна Македонија за поддршка на реформската агенда. Би сакале да ѝ помогнеме на таа земја да оди напред“, вели Палмер во интервјуто.

Тој додава дека САД се надеваат дека Северна Македонија ќе оди напред на патот кон НАТО и дека идеално би било земјата да стане 30. членка на Алијансата во декември.



Спонзорирани линкови

Маркетинг