Катица Јанева – сведок или осомничена? Еве што велат правните експерти

Точка

20/08/2019

14:21

5.785

Големина на фонт

а а а

Утринава, Катица Јанева пристигна во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, откако беше повикана да даде исказ за случајот “Рекет”.

Таа денеска во 10 часот влезе во зградата на Јавното обвинителство во Скопје, придружувана од адвокатот Стеван Павлевски, поранешен републички јавен обвинител, а како што пишуваат медиумите, Катица сè уште не е излезена од ОЈО. 

Иако во медиумите беше најавено дека таа е повикана како сведок, фактот што специјалната јавна обвинителка пристигнала на распит во придружба на адвокат го отвори прашањето дали Јанева е сведок или осомничена.

Порталот “360 степени” објави напис во кој пишува дека правните експерти се збунети од присуството на адвокат и повикувајќи се на познавачите на кривичното процесно право велат дека законот не предвидува присуство на полномошник кога се дава исказ во својство на сведок. Тоа е дозволено само во два случаи:

“Присуство на полномошник е дозволено кога лицето е осомничено или ако како сведок е жртва или оштетено. Можеби Јанева смета дека е жртва или оштетена”, известуваат од порталот.

По ова прашање се огласи и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која на својот Фејсбук профил напиша дека поголемиот проблем е што адвокатот е бранител на еден од обвинетите во предмет кој таа го гони:

“Прво, проблематично е што е воопшто со адвокат, ама тоа е помалиот проблем.

Поголемиот проблем е што е со адвокат кој е бранител на еден од обвинетите во предмет кој таа го гони.

Согласно законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Зошто ова ни се случува?!”, вели адвокатката Јошевска.

Аферата “Рекет” го заинтригира и германскиот “Шпигел” кој денеска излезе со наслов: “Корупциска афера во Северна Македонија – осомничена хероината на Револуцијата!”.

Во новинарскиот напис, освен за самиот случај “Рекет”, пишува и дека Катица Јанева “важеше за симбол на борбата против корупцијата, а сега самата е заглавена во една голема рекетарска афера”.

“Хероината на револуцијата, обвинителката која важеше за симбол на реформите, симбол на правна држава, важеше како фигура во борбата за коруција, сега самата е вмешана во голем случај на уценување. Земјата на Балканот е потресена од аферата Рекет и од фактот за инволвираноста на Јанева која важеше за непоткуплива, за симбол за правда во државата”, пишува германскиот медиум.



Спонзорирани линкови

Маркетинг