Царовска: Вработените во градинките добиваат за 16% повисоки плати

Макфакс

23/07/2019

13:16

930

Големина на фонт

а а а

Почнувајќи од јунската плата, којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16%, што е околу 3.000 денари во нето-износ по вработен.

Во септември годинава вработените во детската заштита ќе добијат и уште едно зголемување од 5%. Со тоа вработените во детските градинки добиваат покачување на платите за 21%, коешто е најголемо до сега, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по средбата со вработените од градинките во Клуб на пратеници, каде што беше презентиран новиот систем за плати.

Таа информира дека нето-платата на воспитувач со високо образование се зголемува за 16,26%, односно од 20.546 денари на 23.731 денар, а со пресметан минат труд за вработен со 15 години стаж ќе изнесува 25.511 денари. Зголемувањето на платите се прави согласно Законот за вработените во јавниот сектор и со него ќе бидат опфати 3.138 вработени од вкупно 4.577 вработени, односно 68,5%.

Во оваа група влегуваат воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници – педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст. Истовремено се зголемуваат и платите на помошно техничкиот персонал во градинките и ова покачување е утврдено со колективниот договор.

За првпат се воведува кариерен развој на воспитувачите/ките, но и систем на плати за директорите/ките на градинките чија висина ќе варира од капациетот на бројот на децата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг