Жителите на Аеродром против центар за зависници: „Тука има градинка со најголем капацитет во градот“

Макфакс

21/07/2019

12:57

2.117

Големина на фонт

а а а

Жители на скопската населба Аеродром излегоа на протест, по иницијативата за преместување на зависниците од центарот во Кисела Вода, во поликлиниката „Јане Сандански“.

„Сметаме дека одлуката е скандалозна бидејќи објективно проблемот на Кисела Вода ќе биде решен, но ќе биде префрлен на други три места. Тоа секојдневие кое го има во Кисела Вода ќе се префрли тука. Бараме одлуката да се повлече. Решението треба да го најде Филипче. Масовноста ќе се зголемува од ден на ден ако одлуката не се промени. Нема расположение ниту зависниците привремено да останат тука“, рече поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кој беше присутен на протестот.

Како што изјавија дел од учесниците, собирот е во однос на тоа дека поликлиниката „Јане Сандански“ нема услови да ги прими зависницте.

„Не сме против луѓето кои собрале храброст да се лечат од дрога и апсолутно го имаат правото да го добијат својот третман, но не вака. Со ова не се решава проблемот со центарот за зависници во Кисела Вода, туку само се продлабочува. Тука има основно училиште, градинка со најголем капацитет во градот, станува збор за густо населено место“, кажа Мартин Клинчаров, еден од незадоволните жители.

Тој коментирајќи ги изјавите на жителите од Кисела Вода кои кажуваат дека наоѓаат шприцеви расфрлани низ тревата, запраша кој гарантира дека тоа нема да биде така и на оваа локација.

„Ова не е центар за зависности, мислам дека е покомплицирано од тоа. Овие ад хок решенија создаваат проблеми, во оваа населба има голем број деца. Овие луѓе нема да дозволат“, додаде тој.

„Ние сме граѓани, што ние да понудиме. Има три објекти на Водно, зошто не се преселат таму каде нема густа населеност? Такво решение треба да се бара, ова не е решение“, рече Клинчаров.

Според, друг жител, Огнен Герасимовски, проблемот треба да се реши со изградба на објекти на периферијата.

„На ова место има црква, згради, градинки, училишта. Во паркот кај црквата ние до денес сме наоѓале шприцеви од дрога. Ние не сме против зависниците. Наместо да се градеа објекти кои ништо не значат, да се изградеа објекти на периферија и така да се решеше проблемот“, рече тој

Оливера Стефановска, учесничка на протестот, смета дека нови простории за лицата кои се лечат од зависност, на соодветна локација може целосно да се изградат за три месеци.

„Овој протест е револт по одлуката на министерот Филипче тука да се лечат зависници од дрога. Мислим дека моите деца ќе бидат нападнати од зависници, бидејќи кога сум била во клиника сум видела како се лечат, бараат пари. Во Драчево, Лисиче, таму нека се лечат, таму каде нема население. Три простории можат да се напраат за три месеци“, вели таа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг