Ел Чапо пристигнал во "планинскиот Алкатраз": Нарко босот животот ќе го мине во ќелија од која се гледа само небото

Точка

20/07/2019

12:34

8.060

Големина на фонт

а а а

Мексиканскиот нарко бос Хоакин Ел Чапо Гузман, влегол во затворот во Колорадо познат како "Алкатраз од Карпестите планини", за да почне со издржувањето на доживотната затворска казна плус 30 години, откако бил осуден за шверц на тони кокаин, хероин и други дроги во САД, како и за планирање на убиства.

Затворот со висока безбедност Супермакс, на 185 километри од Денвер, со околу 375 затвореници, е познат по тоа што од него никој не побегнал откако е отворен во 1994-та година, пренесува "Reuters". 

Гузман се приклучил на листата озлогласени криминалци како што се Тед Качински, кој преку писма-бомби убил три лица, потоа учесникот во заговорот за 11-ти септември Закарија Мусави, Тери Николс, осуден за бомбашки напад во Оклахома Сити и бомбашот од Бостонскиот маратон Џохар Тсарнаев.

Затворот е наречен Алкатраз од Карпестите планини по славниот затвор во Сан Франциско, меѓу чии затвореници бил и гангстерот Ал Капоне.

Како и останатите затвореници, Гузман најверојатно ќе биде затворен 23 часа дневно во самица со мало прозорче, поставено така што од него се гледа само небото.

Се очекува дека во неговата ќелија ќе има телевизор, а ќе може да гледа религиозни и едукативни програми.

Специјалните рестрикции се користат за затворениците да не можат да шират влијание или да праќаат закани надвор од затворот.

Затворениците не можат да се движат низ затворот без придружба, а ги пребројуваат најмалку шест пати дневно.

Гузман два пати бегал од мексикански затвор, па откако во 2017-та бил екстрадиран на САД, бил целосно отсечен од надворешниот свет.




Спонзорирани линкови

Маркетинг