Франка Граждани: „Патиките сега може да ги користиме како полнач за нашите телефони“

Точка

17/07/2019

12:00

5.001

Големина на фонт

а а а

Франка е 22-годишна и штотуку дипломирана студентка. Таа се опишува себеси како едноставна девојка, која сака спортски автомобили, кратко еспресо без шеќер и патики. Вели дека во слободно време чита вести, учи нешто ново, трча на кеј, црта и се дружи со пријателите. Франка во разговор за Точка открива дека секогаш се фасцинира од некои едноставни, но интересни изуми.

Кој ти беше главниот мотив за да се запишеш на овој факултет? 

Запишав машински бидејќи сакав да знам како функционира светот и сите апаратчиња и машини што ги користам, па морав да го научам тоа. Но, исто така, обожувам автомобили, посебно оние со моќни мотори и убави дезени. Се запишав на насоката мехатроника, бидејќи тоа е машинство со елементи на електроника. Уживав во четирите студентски години бидејќи го учев тоа што сакав, па не ми причинуваше тешкотија.


Како дојде до идеја токму за овој проект?

Идејата на дипломската доаѓа од предмети кои ги слушав на факултет каде слушнав дека вибрациите може да се претворат во струја со соодветни претворувачи. Истражував, и одлучив тоа да биде темата. Влошката е со такви претворувачи, кои кога се нагазуваат произведуваат струја. Целта е да се полни мобилниот (или друг уред) во било кое време, било каде, од енергијата добиена при физички активности.

Ќе нѝ објасниш ли како функционира оваа паметна влошка?

На влошката се поставени т.н. пиезоелектрични претворувачи, кои кога се деформираат генерираат струја. Па со поставување такви претворувачи во вид на дискови на влошката, истите постојано ќе бидат деформирани кога човекот ќе пешачи. Така постојано при одење или трчање ќе генерираат струја, доколку не се полни мобилниот таа енергија ќе се чува во една мала батерија. Кога ќе сака да го полни ќе го приклучи со излезниот USB кабел.  


Дали има други вакви направи низ светот? Доколку да, на кој начин функционираат тие?

Да, има. Слични уреди има, бидејќи овие дискови може да се постават насекаде, и да се добива енергија ако истите се деформираат. Конкретно има веќе измислени влошки слични на моите. Моите се подобрена верзија, бидејќи има повеќе дискови и поврзувањето е различно.

Дали планираш твојот проект да го развиеш во комерцијален продукт?

Би сакала многу! Но сега засега не сум размислувала на тоа, се надевам во најблиска иднина да го напрвам тоа.


Дали мислиш дека имаш сè што ти е потребно за да ја комерцијализираш оваа паметна влошка?

Па пред сè мора да се усоврши оваа влошка, да биде поефикасна, полесна и со помали компоненти за да не пречат при пешачењето. Исто така, да генерира повеќе струја па да може да се добие „Fast charging“. И да, веројатно некаква финансиска или друг тип на помош ќе ми треба, бидејќи е голема инвестиција да се усовршат сите елементи, и да биде подготвена за продажба.


Дали има нешто што би требало да го промениш во овој производ?

Дефинитвно. Секогаш секој уред може да биде поефикасен, побрз, поевтин и помал. Деловите јас ги купив од Aliexpress и се гломазни и не се премногу квалитетни. Пред сè би ставила поскапи пиезоелектрични претворувачи, поквалитетни кабли (бидејќи многу се подложни на кинење), подобра и помала батерија (за да не пречи) и секако подобрени останати електрични компоненти.

Кои се твоите идни планови и цели?

Искрено оваа тематика на претворање на механичка енергија во електрична ми е доста привлечна. Би работела во развој на производи кои генерираат струја исто како влошкава, со цел максимално да се намали користењето на типичните извори на струја, а со тоа и целење кон почисти извори на енергија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг