Британците ветуваат: Асанж нема да биде екстрадиран во држава во која може да биде осуден на смрт

Точка

16/07/2019

22:08

1.686

Големина на фонт

а а а

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, нема да биде екстрадиран во земја во која би му се заканувала смртна казна, рекол британскиот министер за Европа, Алан Данкан.

"Тоа е основниот услов кој го договоривме, дека нема да дозволиме да биде екстрадиран на место каде би можел да добие смртна казна. Таа гаранција е цврста", им рекол Данкан на новинарите во Еквадор, каде се наоѓа во посета. 

Асанж во САД е обвинет за шпионажа и Вашингтон бара негова екстрадиција. Рочиштето по тоа барање е закажано за крајот на февруари наредната година во Велика Британија.

САД го обвинува Асанж дека ја загрозил безбедноста на нивните дипломати и војници кога Викиликс во 2010-та година објавил 250.000 дипломатски депеши и околу половина милион доверливи документи за активностите на американската војска во Ирак и Авганистан.

Исто така, Асанж е обвинет и за "заговор" со некогашната воена аналитичарка Челзи Менинг, која му ги доставувала документите.

Основачот на Викиликс седум години престојувал во амбасадата на Еквадор во Лондон, по што добил политички азил, за на 11-ти април да биде уапсен со дозвола на новите власти во Кито.

Веднаш бил одведен во притвор, а потоа осуден на 50 недели затвор поради кршење на условите за условна слобода.

Еквадорската влада потврдила дека пред повлекувањето на одлуката за азил за Асанж од британската влада добила писмена гаранција дека тој нема да биде екстрадиран во земја во која би можел да биде мачен или осуден на смрт.

САД го обвинуваат Асанж по 18 точки, а збирната казна за сите би можела да биде околу 175 години затвор.

Шпионажата во САД е злосторство подложно на смртна казна.



Спонзорирани линкови

Маркетинг