Нов пресврт во истрагата на големата мистерија: Откриле дека малезискиот авион носел сомнителен товар од 90 килограми

Точка

16/07/2019

17:16

8.236

Големина на фонт

а а а

Исчезнувањето на авионот на “Malaysian Airlines” на летот 370 со 239 патници и членови на екипажот е една од најголемите мистерии во авионската индустрија, а според најновите информации, истражувачите откриле нов момент поврзан со авионот.

Имено, француските истражители кои го анализираа исчезнувањето на “Boeing 777” авионот кој на 8-ми март 2014-та година полета од Куала Лумпур кон Пекинг, откриле дека во авионот имало и „мистериозен товар тежок 90 килограми“.

Гислејн Ватерлос кој на кобниот лет ја загуби сопругата и двете деца, вели дека товарот бил откриен во најновиот извештај за патниците и багажот на авионот.


„Мистериозниот товар од 90 килограми е додаден на листата со багаж после полетувањето на авионот. Просторот за багаж бил претоварен, а никој не знае зошто. Експертите не дадоа никаков заклучок во врска со тоа. Можеби станува збор за нестручност, а можеби и за манипулација. Се е можно. Ова ќе биде едно од прашањата за Малезијците“, изјави Ватерлос за „Ле Паризиен“.

Неговото откритие ја распламна една од низата на теории на заговор поврзани со исчезнувањето на овој авион, а тоа е дека авионот бил киднапиран од „слеп патник“. Претходно во текот на овој месец, експертот за авионска безбедност, Тим Термини изјави за “Channel 5” дека теоријата за слеп патник е една од можните теории кои што би можеле да ја објаснат мистеријата.

„Мислам дека е веројатно дека во овој случај било извршено киднапирање. За киднапирање постојат четири опции – би можел да го изврши некој од членовите на екипажот, би можел да биде некој од патниците, би можел да биде „слеп патник“, а тоа би можело да се случи и на електронски начин, управувајќи со авионот од некоја база“, изјави Термини.


Британските медиуми потсетуваат дека товарот во авионот бил долго време во центарот на вниманието. Поранешниот шеф на “Malaysian Airlines”, Ахмад Јаухари Јахја, своевремено открил дека 12 дена после исчезнувањето на авионот во компанијата утврдиле дека во него имало 200 килограми литиум-јонски батерии.

Два месеци подоцна, од компанијата “NNR Global” потврдија дека во авионот имало 2,4 тони најразличен товар, од кои 221 килограм биле отпад на литиум-јонски батерии, а остатокот биле полначи и прибор за радио.

Исчезнувањето на авионот на летот “MH370” се смета за една од најголемите мистерии во помодерната историја. Од тогаш се појавија бројни теории на заговор, од самоубиствена мисија на пилотот, до обид за киднапирање на терористи кое тргнало наопаку. Франција е единствената држава која што се уште води правна истрага за несреќата и исчезнувањето на тројца француски државјани.


Француските истражители проценуваат дека ќе им биде потребна уште околу една година за да ги обработат информациите кои им ги испратиле од “Boeing”. Но, прелиминарните информации сугерираат дека „некој бил блиску зад управувачот на авионот кога исчезнал во Индискиот океан“.

Истражителите овој заклучок го носат врз темел на податоците за летот кои говорат дека авионот “Boeing 777” пред исчезнувањето направил неколку „абнормални“ завртувања кои можеле да се изведат единствено рачно.



Спонзорирани линкови

Маркетинг