Макрон во Белград ќе биде пречекан со 10 почесни плотуни

Макфакс

15/07/2019

15:58

824

Големина на фонт

а а а

Непосредно пред доаѓањето на францускиот претседател Емануел Макрон во Белград, поточно во Палата Србија, каде ќе бидат одржани клучните состаноци, местото е опколено со околу 700 новинари од земјата, регионот и Европа, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Пред зградата се спроведуваат последните мерки за безбедност и контрола, а засега не е забележано поголемо присуство на безбедносните сили во тој дел од Белград, иако според српските медиуми, за посетата на францускиот претседател ангажирани се околу 4 илјади специјалци.

Членовите на српската војска се подготвуваат за свечениот дочек, а најавено е дека во чест на Макрон ќе бидат испукани 10 плотуни.

Долж улиците на Нов Белград, како и низ целиот град, поставени се француски и српски знамиња, како и билборди во духот на пријателството меѓу двете нации.

Ова е прва посета на еден француски претседател на Србија од 2001 година од доаѓањето на поранешниот претседател Жак Ширак, а се спроведува во текот на годината во која Србија и Франција одбележуваат 180-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг