Акција за стопирање на хидроцентралите на Жировничката река, населението стравува дека ќе остане без вода за пиење

Макфакс

13/07/2019

15:23

1.833

Големина на фонт

а а а

„Фронт 21/42“ и Месната заедница на Жировница спроведоа акција за зачувување на Жировничка река, под мотото „Стоп за хидроцентралите на Жировничка река“.

Организаторите на настанот истакнуваат дека Националниот парк Маврово е под закана од над 20 хидроенергетски проекти – три од нив на Жировничка река, која обезбедува вода за пиење за второто најголемо село во Маврово, Жировница. Тврдат дека зафатите се лоцирани над самата каптажата за вода за пиење на селото и со тоа несомнено се загрозува доводот на вода.

На акцијата беше истакнато дека населението воопшто не било консултирано за можното влијание од хидроцентралите ниту пак имаат гаранции дека нема да останат без основниот потребен ресурс за живот- вода за пиење. Се поставува прашањето „Дали изградбата на овие хидроцентрали има поголемо значење од основното право на живот на ова село?“, „Дали финансиските добивки на инвеститорите имаат поголемо значење од Националниот Парк Маврово?“ и „Дали граѓаните имаат право да кажат што сакаат во нивната околина?

„Ние како месна заедница сме против изградбата на хидроцентралите на Жировничка река. Зад нашиот став стои и локалното население и дијаспората, општината и Националниот парк. Жалосно е ова што ни се случува.“, изјави Претседателот на Месната заедница на Жировница.

„Студиите се правени канцелариски и не соодветствуваат со актуелната состојба. Поконкретно ќе кажам еве за издашноста на водата. Најнови мерења не се вршени. Концесиите се дадени на стари немеродавни податоци. Правото на пристап до вода е основно човеково право! Нашите извори за вода се веднаш под зафатите. Нема мерења кои докажуваат или покажуваат дека нема да влијаат врз нашето снабдување. А никој никогаш не не прашал.“, изјави Анес Ахмети од месната заедница Жировница

Од заедницата тврдат дека планираните хидроцентрали се лоцирани во недопрената долина на реката Жировничка која изобилува со зрела букова шума, во зона на паркот во која ваков тип на активности се забранети – зона која претставува дом на кафеавата мечка, Балканскиот рис и дивокозата. Нивната изградба ќе значи пореметување на водотеците низ оваа зона, што значително ќе влијае на локалната животна средина и засекогаш ќе го смени изгледот на паркот.

„Ако му ја земаш водата на одреден простор му ја земаш душата. Овие водотеци се 8 до 9 месеци на биолошкиот минимум, дури и испод минимум. Сега можеме да одиме на лице место. Предвидени се 200 литри, а не знам дали има 30 до 40 литри. Ги прошетав сите хидроцентрали кои досега се имаат изградено во паркот, сите се со испод 20 литри. Реките се суводолици, нема вода за струја.“ – изјави Цане Петрески од Националниот парк „Маврово“.

Во постапките за добивање дозволи детектирани се бројни пропусти тврдат од Фронт 21/42.

„Издадени се дозволи врз основа на нецелосни студии кои изобилуваат со погрешни информации, бесправно се издадени позитивни мислења од институции кои не се базирани на аргументи и факти, како и флагрантно прекршување на одредбите за консултациите со јавност. Сепак, и покрај

детектираните пропусти и отпочнати правни постапки против издадените дозволи, инвеститорот најави започнување со изградба на проектите овој април. Изградбата на хидроцентрали во заштитени подрачја е спротивна на Законот за заштита на природата и меѓународното и европското

право и спротивна на целта заради која се воспоставуваат заштитените подрачја.“ – изјави Александра Бујароска, Извршен Директор на Фронт 21/42.

Велат дека проблем има и со самите концесиски договори.

„За двете хидроцентрали – Жировничка бр. 5 и Жировничка бр. 6, постапката за концесија започна во 2014 кога понудата на компаниите

Фероинвест и Хидроген груп беше избрана за најдобра понуда. Концесиските договори беа потпишани во 2015 година, а инвеститорот имаше рок до 2018 година да заврши со градба. Рокот од три години истече, но новата Владата не ги раскина договорите за концесија. Спротивно на

препораките на Бернската конвенција, Владата им даде дополнителен рок за градба.“ – додаде Бујароска.

Со поставување на банер „Стоп за хидроцентралите на Жировничка река“ локалното население испраќа апел до сите носители на одлуки да го сопрат уништување на Жировничка река и Националниот парк Маврово. Акцијата заврши со порака од најмладите активисти од

Жировница кои изиграа ревијален фудбалски натпревар со порака за зачувување на Жировничка река. Акцијата се спроведе во рамки на „Недела на акции за зачувување на Балканските реки“ дел од кампањата „Да го зачуваме синото срце на Европа“ поддржана од меѓународните организации Еуронатур и Ривервоч.



Спонзорирани линкови

Маркетинг