Поради здравствената состојба на германската канцеларка Ангела Меркел, во редовите на Христијанско-демократската унија се разгледува можноста таа да се повлече пред 2021-ва година.
Меркел во средата по трет пат беше забележана како се тресе за време на пречекот на финскиот премиер. Исто така, за време на пречекот на данската премиерка, протоколот беше прекршен, па така поради здравствената состојба на Меркел, двете лидерки седеа за време на интонирањето на химната.
И покрај тоа што Меркел тврди дека се чувствува добро, во “CDU” веќе се разговара за тоа кој ќе ја наследи. Засега главен кандидат е Анегрет Крамп-Каренбауер, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.
Меркел веќе најави дека нема да се кандидира после истекот на нејзиниот актуелен мандат, а во декември ѝ го отстапи лидерското место во партијата “CDU” на Крамп-Каренбауер.
Како што пренесуваат германските медиуми, поради здравствената состојба на Меркел, се доведува во прашање дали договорот помеѓу неа и Крамп-Каренбауер ќе може да ја дочека 2021-ва година.
„Ројтерс“ пренесува дека германската канцеларка нема историја на тешки болести, но е под притисок на медиумите да биде поотворена кога станува збор за нејзината здравствена состојба.