Рахиќ: На Јанакиески му беа одредени возило и полициска асистенција, не знам зошто не е спроведен во суд

Макфакс

11/07/2019

12:07

950

Големина на фонт

а а а

Директорот на Истражниот затвор Скопје, Есад Рахиќ, во однос на денешното неспроведување на ексминистерот Миле Јанакиески до судот, за ,,Макфакс” изјави дека утрово уредно потпишал тој да биде донесен во кривичниот суд, но не знае зошто тоа не е извршено.

„Добив барање од судот за спровод, вчера го видов распоредот и утрово уредно потпишав да биде спроведен. Одредени му се возило и полициска асистенција, но не знам зошто не е спроведен, прашајте ги адвокатите да не побарале одложување”, вели Рахиќ.

Судското рочиште за предметот „Топлик“ денеска беше одложено поради отсуство на двајца од обвинетите, ексминистерот Миле Јанакиески и Димитар Димовски, кои не беа спроведени до Кривичниот суд од полицијата.

Претседателот на Судечкиот совет, кој го води предметот, Осман Шабани, рече дека судот до затворот во Шуто Оризари уредно доставил барање за спровод на Јанакиески и Димовски, но не знае од која причина тие денеска не се донесени во Судот.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот во предметот „Топлик“, Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и камата на правното лице „Сан сити“. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг