Шекеринска во Центарот за обука на пилоти: Нудиме врвна настава за летање

Макфакс

10/07/2019

16:28

359

Големина на фонт

а а а

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска од Центарот за обука на пилоти ги повика сите млади граѓани на нашата земја со завршено високо образование и стекнати 180 кредити да се пријават на отворениот Конкурс за прием на кандидати и по завршувањето на обуката да станат пилоти во Армијата на Република Северна Македонија.

Центарот за обука на пилоти, рече министерката, е еден од најсовремените капацитети во регионот за изведување на настава и обука на воени пилоти. Додаде дека со измените на Законот кои ќе бидат испратени во Собранието, се предвидува кандидатите да добиваат финансиски надоместок и за време на обуката.

„Со измените на законот го регулираме делот на финансискиот надоместок и на тој начин ќе имаме поголеми шанси да добиеме поквалитетни кадри, а од нив да добиеме шанса и за одлични пилоти“, рече министерката.

Полковникот Валентин Ивановски, раководител на воено-воздухопловниот авторитет во Министерството и проект – менаџер на Центарот истакна дека овој Центар со својата опрема и методите кои ги применува, овозможува завршените кандидати веднаш да се вклучат во воздухопловната бригада и да ги прифатат стандардите на НАТО.

Ангел Владимиров и Љубомир Панев, денес капетани во Армијата, а претходно кадети во Центарот за обука на пилоти порачаа дека овој центар овозможува обука на светско ниво, дека е потребно многу труд и енергија, но и дека чувството „секојдневно да се има различен поглед од канцеларијата“ е неописливо. Ги повикаа младите да не ја пропуштаат оваа шанса и да се пријават на отворениот Конкурс.

Досега во Центарот се обучени вкупно 24 пилоти, од кои 13 за потребите на Армијата, девет за Министерството за внатрешни работи и два за потребите на црногорското воздухопловство. Капацитетот на Центарот е препознаен на глобално ниво – досега најмодерните симулатори на хеликоптерите Ми-24 и Ми – 8/17 ги користеа пилоти од Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија, а на комерцијална основа и пилоти од Полска, Нигерија и Камерун.



Спонзорирани линкови

Маркетинг