„Канџата“ само неколкумина луѓе знаат каде се наоѓа, откако властите ја оставиле длабоко во чернобилската шума.
Канџата од една машина, која 33 години после нуклеарната катастрофа во Чернобил и натаму се наоѓа во околната шума, наводно е еден од најсмртоносните предмети во оваа област. Експертите сметаат дека таа е толку озрачена што и ден денес, еден допир би можел да биде фатален.
Станува збор за само едно од бројните возила и механизација кои се користеле за чистење на остатоците од експлодираниот реактор. Оваа машина се користела за чистење на радиоактивниот графит, елемент од самото јадро на експлодираниот графит кој беше исфрлен околу електраната.
Како што пренесува британски „Метро“, само неколкумина луѓе знаат каде се наоѓа канџата откако властите намерно ја оставиле длабоко во шумата. Експертот за зрачење, Роб Максвел вели дека покрај оставената канџа, постојат гробишта на возила кои се користеле после катастрофата во 1986-та година.
„Станува збор за гробишта со возила и машини кои се користеле непосредно после катастрофата, а кои сега се толку радиоактивни што се уште не смеат да се допираат“, вели Максвел за британските медиуми.
Максвел, инаку и археолог кој работел во Чернобил, открива дека приватен водич го одвел на местото да ја види канџата.
„Во зоната денес има многу работи кои дефинитивно би ве убиле ако би дошле во контакт со нив, а канџата е дефинитивно најопасната од сите затоа што не е недостапна“, изјави Максвел.
Според него, канџата ослободува 39,8 микросиверти на час, што значи дека фатална доза се ослободува за помалку од 20 минути.